По неколкуте топли летни денови, денеска следува значителна промена на времето. Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавува посвежи температури, променлива облачност и повремени врнежи од дожд, а на повеќе места се очекува и нестабилно време проследено со грмежи и засилен ветер.
Според прогнозата, врнежите локално ќе бидат пообилни и ќе надминат 15 литри на квадратен метар. Во одделни региони се можни поројни дождови, грмежи и краткотрајно невреме.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе достигнува брзина поголема од 50 километри на час.
Утринските температури ќе се движат од 9 до 18 степени, додека максималните дневни ќе бидат меѓу 20 и 27 степени, што ќе донесе почувствително освежување во однос на претходните денови.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината се очекуваат поинтензивни врнежи, проследени со грмежи и засилен ветер. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, а температурата ќе се движи од 15 до 26 степени.
Според УХМР, за време на викендот времето ќе биде претежно стабилно и суво. Ново дестабилизирање на атмосферата со локални врнежи се очекува во понеделник, по што од вторник повторно ќе следува период на стабилно време и постепен пораст на дневните температури.