Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, ќе се брани од слобода откако Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука да му го укине притворот, прифаќајќи гаранција во вредност од над 1,15 милиони евра.
Од Судот соопштија дека гаранцијата е обезбедена преку засновање хипотека врз недвижен имот. Во исто време, како мерка за обезбедување на неговото присуство во текот на постапката, му е одземена патната исправа.
Сејдини беше приведен по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, а на 24 април годинава му беше определен 30-дневен притвор поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци. Подоцна, Кривичниот совет ја продолжи мерката притвор.
Тој е осомничен за кривичното дело „Проневера во службата“ согласно член 354 став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од Кривичниот суд посочуваат дека по барањето на одбраната за укинување на притворот со понудена гаранција, Основното јавно обвинителство дало позитивно мислење. Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот, а бидејќи против решението не била поднесена жалба, одлуката станала правосилна.
По исполнувањето на законските услови и правосилноста на решението, Сејдини е ослободен од притвор и во натамошната постапка ќе се брани од слобода.