Македонија

Нова тревога меѓу сточарите во земјава: Уништени околу 2.700 овци поради појава на сипаници

Нова тревога меѓу сточарите во земјава: Уништени околу 2.700 овци поради појава на сипаници

Поради ширењето на сипаниците кај малите преживари, кои досега доведоа до уништување на околу 2.700 овци во земјава, претставници на Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“ денеска ќе одржат работна средба со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), на која ќе се разговара за актуелната состојба и натамошните мерки за справување со болеста.

Средбата е закажана за 13 часот, а по нејзиното завршување, во 14:15 часот, пред седиштето на АХВ изјава за медиумите ќе даде претседателот на Сојузот, Насер Џемаили.

Членот на Управниот одбор на Сојузот, Моме Младеновски, изјави дека состојбата со болеста внимателно се следи од сите надлежни институции.

„Состојбата ја следиме континуирано, и ние и ветеринарните инспектори и ветеринарните друштва. За секој сомнителен случај што ќе го пријават сточарите, веднаш се излегува на терен“, истакна Младеновски.

Според досегашните податоци, за да се спречи понатамошното ширење на заразата, уништени се околу 2.700 овци. Надлежните служби продолжуваат со засилени контроли и мониторинг на фармите, а сточарите се повикуваат навремено да пријавуваат секој сомнеж за појава на болеста.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни