Македонија

Забрането капење во езерото „Младост“ – има појава на цијанобактерии

Забрането капење во езерото „Младост“ – има појава на цијанобактерии

Водата во езерото „Младост“ во Велес и понатаму не е безбедна за капење и рекреација, покажуваат последните анализи и проценки на стручните лица од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес.

Од институцијата информираат дека забраната останува во сила сè додека стручна установа не потврди дека во водата нема присуство на цијанобактерии и цијанотоксини, со што ќе може да се направи целосна проценка на нејзината безбедност.

При извршениот санитарно-хигиенски увид на акумулацијата, стручните екипи констатирале видлива појава на алги, пена и поголема количина биомаса. Според извештајот, станува збор за густи, пифтиести и сунѓерасти наслаги со жолто-кафеава боја кои зафаќаат значителен дел од крајбрежниот појас.

Од Центарот за јавно здравје – Велес упатуваат јасна препорака водата да не се користи за капење и рекреативни активности до завршување на дополнителните испитувања.

„Водата не смее да се користи за капење и рекреација додека не се изврши испитување од стручна институција која ќе докаже дека во водата нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини“, се наведува во препораката.

Надлежните апелираат граѓаните да ја почитуваат забраната и да избегнуваат контакт со водата додека не бидат објавени нови резултати од испитувањата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни