Во популарното француско летувалиште Сен-Жан-де-Луз (Saint-Jean-de-Luz) на атлантскиот брег се воведени нови ограничувања за консумирање алкохол на јавни места, вклучително и на плажите. Според новите правила, оние кои ќе пијат алкохол на плажите во вечерните часови може да добијат казна до 150 евра.
Забраната се однесува на трите градски плажи – Grande Plage, Plage d’Erromardie и Plage de Lafitenia, а е воведена поради проблемите со ноќните собирања и големите групи кои по затворањето на кафулињата и рестораните продолжуваат со забави на брегот.
Целта е намалување на ноќните забави на плажите
Локалните власти објасниле дека проблем не се семејствата или туристите кои во текот на денот мирно уживаат на плажа со пијалак, туку големите собири кои се создаваат доцна навечер и во текот на ноќта.
Себастијан Ларош од комуналната полиција за францускиот весник „Connexion France“ изјавил дека токму консумирањето алкохол во вакви ситуации станало проблем, поради што полицијата ќе го засили надзорот над плажите во доцните часови.
Иако новите правила на прв поглед изгледаат строги, нивната примена нема да биде иста во секоја ситуација. Лице кое во текот на денот мирно организира пикник и ќе испие чаша вино најверојатно нема да биде казнето.
Полициските службеници ќе проценуваат секој случај поединечно, а главна цел ќе бидат големите забави, бучавата и собирањата кои им го нарушуваат мирот на другите посетители.
Слични мерки има и во Хрватска и Шпанија
Сен-Жан-де-Луз не е единственото туристичко место кое воведе ограничувања поврзани со алкохолот на јавни површини.
Во Макарска неодамна беше забранета продажбата на алкохол во продавници, киосци и пекарници во периодот од 21 до 6 часот, додека кафулињата и рестораните и понатаму можат да го служат. Целта на мерката е намалување на опивањето на улиците и другите јавни простори.
Слични правила веќе постојат и во Сплит и Дубровник, каде за консумирање алкохол на одредени јавни места се предвидени казни до 300 евра.
Уште построги правила има во некои делови на Шпанија. На Балеарските Острови, меѓу кои се познатите туристички места Плаја де Палма и Магалуф, за пиење алкохол на улица и на плажа може да се добијат казни од 500 до 1.500 евра.