Стотици жители на Гостивар побарале лекарска помош поради стомачни тегоби неколку дена пред надлежните официјално да прогласат епидемија, покажуваат податоците на Министерството за здравство.
Првите случаи биле регистрирани на 14 јули, кога во здравствените установи во градот се јавиле граѓани со симптоми како дијареа, повраќање и стомачни болки. Само во текот на тој ден, во Општата болница во Гостивар биле прегледани 164 пациенти, додека уште 160 лица побарале помош во Здравствениот дом, односно вкупно 324 пациенти за само едно деноноќие.
И покрај наглиот пораст на бројот на заболени, епидемијата официјално била прогласена дури пет дена подоцна. Во меѓувреме, бројот на пациенти продолжил да расте. На 15 јули биле регистрирани 456 прегледи, два дена пред Агенцијата за храна и ветеринарство да ја забрани употребата на водата за пиење и техничка употреба.
Министерот за здравство Сашо Клековски потврди дека анализите на две мостри покажале отстапувања, што укажувале дека водата не била исправна за употреба. Според достапните информации, граѓаните не биле навремено предупредени за потенцијалниот ризик.
Во наредните денови продолжил големиот прилив на пациенти. На 16 јули биле извршени 381 преглед, а на 17 јули лекарска помош побарале 572 лица. Истиот ден Основното јавно обвинителство започнало предистражна постапка, при што биле земени дополнителни примероци од водоводната мрежа поради сомневања за загадување со фекални материи.
Најголем број заболени бил регистриран на 18 јули, кога во рок од 24 часа биле прегледани 649 граѓани. Пад на бројот на новозаболени бил забележан дури по воведувањето на забраната за користење на водата.
Според последните податоци, во Гостивар досега се регистрирани вкупно 4.070 лица со симптоми поврзани со епидемијата, а епидемиолошка анкета е спроведена кај 523 граѓани.
Во последните 24 часа биле евидентирани уште 125 нови прегледи, а едно дете поради влошена здравствена состојба било хоспитализирано.