Околу 40 коњаници, меѓу кои и пет девојки, во 18 часот ќе тргнат од дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче, продолжувајќи ја долгогодишната традиција што се одржува во чест на Илинден и хероите од македонската историја.
Маршот го организира Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978“, а традицијата, која се негува речиси пет децении, има за цел да го зачува споменот на историските настани и на борците што оставиле длабок белег во македонската историја.
На 31 јули, коњаниците од Горно Лисиче ќе им се придружат на учесниците од Свети Николе, Кичево и Битола, по што заеднички ќе продолжат кон Крушево, испраќајќи порака за единство, почитување на традицијата и зачувување на националното историско наследство.