Домаќинствата во Скопје кои се греат на топлинска енергија од 1 август ќе плаќаат повисоки сметки, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за зголемување на цената на парното.
Според одлуката, за корисниците кои се снабдуваат преку системот на ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ Производство на топлина, цената ќе се зголеми во просек за 5,96 проценти. Тоа значи дека просечната месечна сметка ќе порасне за околу 140 денари – од досегашните 2.353 на 2.493 денари.
За потрошувачите што се снабдуваат преку поранешна Топлана Скопје Север, односно сегашна „Енерџи Еколинк“, цената ќе биде повисока во просек за 3,6 проценти, додека за корисниците на ЕСМ Енергетика поскапувањето ќе изнесува околу пет проценти.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, изјави дека одлуката е донесена по детални економски и технички анализи на работењето на компаниите што обезбедуваат топлинска енергија во главниот град.
„Јавноста беше информирана дека барањата на енергетските компании се движеа од 30 до 130 проценти. По направените анализи донесовме одлука за корекција на цената од 5,96 проценти. Воедно, го поддржуваме процесот на спојување на сите компании на ЕСМ за топлинска енергија, што би овозможило подобра ефикасност и поповолни цени за потрошувачите“, изјави Ристов.
Тој додаде дека анализите покажуваат оти жителите на Скопје кои користат топлинска енергија и натаму плаќаат најниски годишни трошоци за греење во споредба со корисниците во Белград, Љубљана, Софија и Сараево.
Од РКЕ информираат и дека во изминатата грејна сезона на системот се приклучиле 1.521 нов потрошувач, со што вкупниот број корисници на топлинска енергија достигнал 67.494 домаќинства.