Рударството останува меѓу најплатените сектори во Македонија, но и покрај високите плати, бројот на нови работни места не расте бидејќи големите инвестиции сè уште не се реализираат.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, просечната нето-плата во секторот „рударство и вадење камен“ во мај пораснала за 5,8 проценти во однос на претходниот месец и достигнала 61.228 денари, што е околу 1.000 евра.
Сепак, и покрај конкурентните примања, рударството се соочува со недостиг од работна сила. Реализацијата на проекти како „Иловица–Штука“, како и други најавени инвестиции, би можела да отвори стотици нови работни места и да обезбеди дополнителни можности за вработување.
„Бројот на работниците во мај 2026 година, во однос на мај 2025 година, во секторот Рударство и вадење камен се намалил за 7.3%“, информираа од Заводот.
Ова се должи и на намалените инвестиции во индустријата, иако од друга страна веќе подолг период постои најава за 500 директни вработувања во рударството. Инвеститорот во рудник за бакар во Иловица, компанијата „Еуромакс ресоурцес“, истакна дека проектот би бил најголема гринфилд инвестиција, која ќе обезбеди над 500 директни и 2.700 индиректни вработувања, а предност во вработувањата ќе има локалното население. Како што додадоа, ќе бидат склучени договори со локални компании во висина од околу 180 милиони евра за време на изградбата и ќе се трошат 73 милиони евра годишно за локални набавки и услуги. За функционирањето на проектот потребни би биле рударски инженери, машински и електро инженери, геолози, металурзи, геодети, техничари, економисти и правници во администрацијата, оператори на машини, монтери, механичари, електричари, заварувачи, хемичари, сметководители, магационери, чувари, возачи, медицински персонал итн.
Сепак, инвестицијата е во застој и е мета на критики на дел на активисти, но од локалната иницијатива „И Здравје и Работа“ соопштија дека јавната дебата за проектот за рудникот за бакар „Иловица–Штука“ предолго време е заложник на стравови, шпекулации и дезинформации, наместо на научни факти, современи технологии и институционални процедури.
„Во време кога Европа обезбедува сопствени извори на критични минерали, а соседните држави отвораат нови можности за инвестиции и развој, Македонија не смее да си дозволи да остане настрана поради неосновани стравови. Нашата држава има потреба од нови инвестиции, добро платени работни места и развојни проекти кои ќе создадат перспектива за младите луѓе.Секоја одлука што би значела отфрлање на ваков проект без да се темели на законските процедури, стручните анализи и научните докази, би била спротивна на долгорочниот интерес на државата и на граѓаните кои очекуваат економски развој, повисок животен стандард, нови можности за вработување и услови својата иднина да ја градат дома, а не надвор од Македонија“; истакнаа од иницијативата.
Додека траат дебатите за иднината на инвестициите во рударството, анализите на Македонската академија за науки и уметности, содржани во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, укажуваат дека едно работно место во рударството има многу голем придонес за националната економија.
„Резултатите од анализата покажуваат дека секои 10 работни места во секторот „рударство и вадење на камен“ генерира 6 работни места во
другите поврзани сектори преку индиректните ефекти и 0.5 работно место во другите сектори преку индуцираните ефекти. Или заедно преку вкупните мултипликативни ефекти секторот „рударство и вадење на камен“ генерира дополнителни 5607 работни места (4617 работни места преку индиректните ефекти и 450 работни места преку индуцираните ефекти) во другите сектори и дејности во националната економија“, се истакнува во Стратегијата.
Инаку, за 2024 година просекот на примањата во рударството изнесувал 51 705 денари. Во 2025 година платата пораснала на 55 643 денари, за годинава да изнесува над 61 илјади денари. Сепак, се помалку работници ги земаат овие плати. Во 2022 година имало 6678 работници во рударството, а бројката паднала на 4.364 во 2025 година. Негативниот тренд се забележува и во секој месец од 2026 година.
Според последните податоци од Државниот завод за статистика, најплатени во Македонија се информатичарите со плата од 90 400 денари месечно, па потоа вработените во финансискиот сектор со 64 715 денари, по што следуваат оние во рударството.