Водата во Гостивар засега останува наменета исклучиво за техничка употреба, бидејќи во водоводната мрежа е детектирана резидуална бактерија која се појавила по процесот на хиперхлорирање и чистење на системот. Ова денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Делчево, истакнувајќи дека фекалните колиформни бактерии повеќе не се присутни, но потребно е да се надмине и новонастанатиот проблем пред водата повторно да биде безбедна за пиење и подготовка на храна.
„И уште некое време таа вода така ќе остане. Сега веќе во инсталацијата ги нема оние фекални колиморфни бактерии, но се појави една нова резидуална бактерија која е присутна во инсталациите поради тоа што долго време не биле користени, а сега со прочистување и со хиперхлорирањето се појавува. Очекувам и овој предизвик да биде надминат, по што водата ќе може да се користи за пиење и готвење“, изјави Мицкоски.
Освен за актуелната состојба со водоснабдувањето, премиерот упати и јавен повик до Обвинителството да отвори постапка за проверка на, како што рече, околу 400 пријави за неквалитетна вода во Гостивар од 2021 година, кога министер за здравство беше Венко Филипче.
Мицкоски побара уште денеска да се извршат проверки во Институтот за јавно здравје и во Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел да се утврди дали тогашните надлежни институции соодветно постапувале по пријавите.
„Го повикувам Обвинителството да ги провери овие наводи и да отпочне постапка зошто, кога имале можност, не преземале ништо за да го заштитат здравјето на граѓаните. Очекувам уште денеска да влезат во Институтот за јавно здравје и во Агенцијата за храна и ветеринарство и да ги испитаат сите овие информации“, рече премиерот.
По изјавата на Мицкоски реагираше СДСМ, од каде оценија дека премиерот повторно врши притисок врз Обвинителството и упатија критики дека со ваквите настапи ги злоупотребува трагичните случаи од минатото и изнесува, како што велат, неосновани обвинувања.