Уште три нови случаи на западнонилска треска се потврдени во земјава, информираше министерот за здравство Сашо Клековски, посочувајќи дека надлежните институции продолжуваат со следење на состојбата и спроведување превентивни мерки.
Според Клековски, двајца од новозаболените се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, додека еден пациент се лекува на Клиниката за неврологија. Кај пациентот на Неврологија инфекцијата засега е потврдена со еден тест, а во тек се дополнителни лабораториски анализи.
„Кај овие пациенти се прават анализи со повеќе методи, вклучително и испитувања на ликвор и други примероци, а паралелно се спроведуваат и епидемиолошки анкети“, изјави Клековски.
Министерот информираше дека надлежните утврдиле случаи кај лица кои не патувале надвор од државата, што укажува на локална циркулација на вирусот. Дел од регистрираните заболени се од подрачјето на Скопско Поле, додека дополнителна анализа се врши и за случајот од Велес.
Како превентивна мерка, Центарот за јавно здравје Скопје започнал со дезинсекција во радиус од 200 метри околу местата на живеење на потврдените случаи.
Од Министерството посочуваат дека понатамошните активности ќе зависат од резултатите од епидемиолошките анкети и мапирањето на случаите, по што ќе се одлучува дали ќе има потреба од дополнително прскање против комарци.