Грчките пожарникари ја продолжуваат деноноќната борба со пожарот што беснее од петок северозападно од Атина, настојувајќи да ја задржат состојбата под контрола, јави Франс прес, повикувајќи се на портпарол на противпожарната служба.
„На терен сме петти ден по ред против овој исклучително тежок пожар“, изјави утринава портпаролот Јанис Артопиос за ЕРТ њуз, пренесе агенцијата.
Тој додаде дека денес во подрачјето ќе бидат распоредени речиси триесет воздушни средства за гаснење.
Пожарот гори во планинските масиви што се издигаат над делови од Коринтскиот залив, на околу 50 километри северозападно од грчката престолнина.
„Се работи за многу широко подрачје и нови жаришта може да се појават во секој момент. Нашата цел е да ја одржиме ситуацијата под контрола“, објасни Артопиос.
Тој нагласи дека на обемни површини погодени од огнот сè уште има активни жаришта и жар, кои бараат постојан надзор, бидејќи и посилен налет на ветер може да биде доволен за повторно разгорување.
Благодарение на слабењето на силните ветришта вчера, авиони и хеликоптери за гаснење успеаја поинтензивно да се вклучат во дејствијата и помогнаа во стабилизирање на загрижувачката состојба, наведува агенцијата.
Иако во понеделник наутро беше забележано мало подобрување, во текот на денот се појавија повеќе нови пламнувања, а беше издадена наредба за евакуација во најмалку три мали населени места северно од индустрискиот град Мегара.
Според ноќниот биланс на ЕРТ њуз, состојбата се подобрила во последните часови и уште на почетокот на денот е обновено гаснењето од воздух, со ангажирање и хеликоптери, додека пожарникарите настојуваат да ги искористат поповолните метеоролошки услови.