4NEWS.mk

Занаетот никогаш не те остава без работа

Бојаџискиот занает го работам со љубов. Го сакам многу и затоа немам намера да го оставам. Сепак, работа има и задоволни сме со овој занает. Воопшто да нема работа, јас ќе продолжам понатаму, ни раскажа Екрем Незири од Хемиско-бојаџиската работилница „Хембој“ во Старата скопска чаршија.

Бојаџијата Незири го посетивме во неговиот дуќан во Старата скопска чаршија, на улицата „Дебарска“ бр. 3 а, до кино „Напредок“. Иако беше топло августовско претпладне, заедно пиевме чај и разговаравме за бојаџискиот занает, оставен во наследство од татко му.

Бојаџискиот занает е тежок зошто треба да се работи како уметност 

Овој стар занает останал единствен во Старата скопска чаршија. Во дуќанот се примаат на бојадисување волна, памук, свила и кожа. Разговаравме со Екрем и со неговите синови. Ни ги раскажаа почетоците на занаетот, кој сега е семеен и се работи со генерации. Занаетот прво го работел татко му, а сега работи Екрем со најстариот син Амир, кој најверојатно ќе продлжи по неговите стапки. Зборувавме за тоа како се станува чирак, калфа, мајстор или газда.

Дуќанот отсекогаш бил тука, на ова место во Чаршијата. Прво имало друг сопственик, Љупчо кој заминал во САД, а потоа работата ја продолжува семејството Незири. Дуќанот и занаетот на Незири им биле оставени како аманет – „Никогаш да не се затвори. Иако нема работа, ако нема да тече, има да капе.“

Екрем Незири се сеќава дека неговиот татко имал работа. – На татко му овој занает му влезе во душа, го работеше со љубов, го обожаваше, го наследи занаетот. Порано имаше многу работа. Имаше многу волна, се употребуваа волнени работи, многу се боеше, вели Незири, кој почнал да работи од осум години, а сега има  53-54 години.

Тој вели дека заработуваат доволно за нормален живот, но не за повеќе.

– Работата не е како порано. Порано имаше волна, чиста волна која се предеше. Имаше памук, се беше природно. Волната, тоа веќе се е изгубено. Сега има памучни работи, но ние сме задоволни со овој занает. Додека јас сум жив нема да дозволам син ми да го затвори дуќанот. Гледам дека и син ми го сака занаетот, рече Незири, додавајќи дека сега главно бојадисуваат текстил.

Незири се единствени во Старата скопска чаршија кои бојадисуваат, а можеби и во целата држава. Муштерите им носат роба, најчесто облека, која е оштетена од детергенти или од сонце. Тие не сакат да ја фрлат облеката зошто им е омилена и ја бојадисуваат кај нив.

– Ние боиме се, на пример килими, џемпери. Порано имаше многу јамболлии, а сега најмногу има текстил, облека. Работиме и со кожени работи, јакни, бојадисуваме чевли, патики, маици, блузи, може се да се поправи што е оштетено. Работиме нонстоп. Дуќанот никогаш не е затворен. Работиме и доаѓаме некогаш и во недела. Тогаш има муштерии кои се слободни, се јавуваат и доаѓаат, потенцира Незири. Велат дека ги научиле новите материјали и знаат како се работи со нив.

Оваа работа, овој занает, како што посочи, е тежок зошто треба да се работи како уметност, треба да се комбинираат бои, да се знае која роба во каква температура оди, кое како трпи.

– Треба да се внимава, да се знае колку боја да се стави… Занаетот е пред изумирање. Сега гледам син ми ќе продолжи. Ако оди вака за опстанок е добро, но ако не, тогаш ќе треба да се бара некое решение, смета Незири.

Тој планира полека да се повлече, а љубовта и искуството му ги пренесува на синот Амир. Негова желба е да му го остави дуќанот и занаетот на синот и тој да ја продолжи работата. Смета дека и неговиот син кој има 23-24 години е заинтересиран за оваа работа, има желба и љубов.

– Јас сум задоволен со работата. Занаетот никогаш не не остава без пари. Ако нема да тече, има да капе, вели Екрем Незири.

Бојаџијата има идеи да работи со стари килими, но нема капацитет, нема помош за да почне да произведува килими и слични работи.

За дуќанот на бојаџијата 

Дуќанот на семејството Незири наликува на музеј. Задржан е автентичниот изглед, ништо не е променето. Незири вели дека дуќанот го држи по старо, антички, како музеј. Се работи со казани и денес, кои се загреваат и се знае каква температура треба за определена роба.

– Порано имавме четири казани поголеми, а сега три помали за побрзо да се одвива работата. Казаните се направени рачно, од бакар, а се грее со нафта. Бојата не се троши многу, се троши по еден или два грама, ни раскажа мајстор Незири, додавајќи дека во дуќанот имаат боја од времето кога работел татко му, а и од претходно, од 1939 година.

Во дуќанот се наоѓаат и традиционални носии од целата држава. Ги купуваат, ги чуваат од љубов, некогаш ги подаруваат или продаваат.

– Порано нашите мајки, баби, многу ги работеле килимите и јамболлии. Ние сме ги бојадисувале, јас ги купувам за себе, а по некое парче и продавам. Во последно време се бараат носиите, килимчињата, се враќаме пак на старото, рече Незири.

Ни раскажа дека во неговиот дуќан често доаѓаат пријатели, туристи, политичари, министри, странски функционери, а за спомен чуваат и фотографии од нив. Кога доаѓаат тука, како што нагласи, сите одмораат, пред се психички. Во дуќанот гости биле и поранешните претседатели Киро Глигоров и Бранко Црвенковски, многу политичари и амбасадори, со кои пијат чај и разговараат.

Во Чаршијата, како што рече, има соживот, движење, туристи, но тие не ги знаат вредностите на занаетот, на производите, на носиите, килимите и не се толку заинтересирани. Тие се заинтересирани од нашата држава да купат некоја ситна работа.

– Оние што знаат, купуваат за ќеиф. Останува сами ние занаетчиите да се промовираме, останува на добриот збор на муштериите. Добриот глас далеку се слуша, рече Незири.

Бојаџијата Незири ни раскажа дека во минатото нивниот занает бил многу ценет. Смета дека треба да се учи занает, младите сега не работат, а некои не знаат што е тоа бојаџија. Вели дека сега нема работници, нема чираци.

– Занает да имаш. Занаетот никогаш не те остава без работа, ова ни го порачаа мајсторот Незири и неговиот син.

Се согласивме дека е потребно државата на некои занаети да им помогне малку за да опстојат и понатаму. Не е доволно само надлежните од време на време да се интересираат за занаетите. Потребно е да се слушнат предлозите и барањата на занаетчиите.

За животот во Старата скопска чаршија

Екрем ни раскажа дека порано во Старата скопска чаршија имало многу занаетчии: ковачи, бравари, лимари, калајџии, казанџии, налбати, сарачи, папуџии, чевлари…Сега, како што рече, за жал сите тие дуќани се затворени. Смета дека порано во Чаршијата било поинтересно, подобро, а сега со трговијата се уништува бидејќи се носи најчесто увозна роба, се готово, и занаетите пропаѓаат.

Чаршијата порано се отворала многу рано, а сега, во моментов нема никаков ред.

– Во Старата чаршија единствено ние што сме останати меѓу најстарите, како занаетчии, како бојаџија. Го почитуваме правилото дека на дуќанот треба рано да се дојде, да се отвори во 7.30, а во 19.30 часот се затвора. Јас како газда досега сум презадоволен, за живот добро е. Со оваа работа една плата можеме да извадиме, повеќе не. Трошоците ги покривам, задоволни сме, вели Екрем Незири. Додаде дека муштериите се презадоволни, праќаат пораки и поздрави оти се многу задоволни.

Меѓу нештата што недостигаат во Чаршијата, според него, се повеќе клупи, тоалети, чешми со вода, да се среди калдрмата што е оштетена, да се санираат дупките…

Магдалена Ристоманов/МИА

Извор: Сител телевизија

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни