Со оглед на тоа што климатските промени носат сè потопли лета, сè поголем број домаќинства се потпираат на клима-уредите. Сепак, научниците предупредуваат дека ова не е одржливо решение на долг рок и дека климатизацијата треба да биде последна, а не прва опција за ладење на просторот.
Според податоците на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), клима-уредите и вентилаторите веќе денес трошат околу 10 проценти од вкупната светска електрична енергија. Се очекува оваа потрошувачка дополнително да расте поради сè почестите и поинтензивни топлотни бранови.
Ново истражување објавено во списанието Nature Reviews Clean Technology укажува дека домовите можат ефикасно да се разладат и без голема зависност од климатизацијата. Научниците од Универзитетот во Нов Јужен Велс и Универзитетот РМИТ во Мелбурн анализираа технологии и градежни материјали кои одржуваат пониска температура со минимална потрошувачка на енергија.
Што е најважно за природно ладење?
Меѓу најефикасните решенија се наведуваат системите за радијациско и евапоративно ладење, зелените покриви, материјалите што ја рефлектираат сончевата топлина, како и напредните системи за вентилација. Дел од овие решенија имаат и дополнителна придобивка – во текот на зимата помагаат да се задржи топлината во објектот.
Според авторите на студијата, клучот е да се спречи топлината уште пред да влезе во објектот. Сенките, рефлектирачките материјали, квалитетната вентилација и современите градежни материјали можат значително да ја намалат температурата во затворените простории пред воопшто да има потреба да се вклучи клима-уредот.
Научниците проценуваат дека комбинацијата од овие технологии би можела да ја намали потребата од користење клима-уреди дури до 80 проценти, додека температурата во градовите би можела да се намали за повеќе од четири Целзиусови степени, во зависност од локалните климатски услови.
Ладењето не смее да биде луксуз
Истражувачите потсетуваат дека луѓето успешно се справувале со жештините долго пред пронаоѓањето на клима-уредите. Уште древните Сумери граделе куќи кои овозможувале природно струење на воздухот и користеле материјали што ја задржувале свежината во внатрешноста.
Заклучокот на авторите е дека разладувањето не треба да биде луксуз достапен само за оние кои можат да си дозволат високи сметки за струја, туку енергетски ефикасните решенија мора да станат стандард во модерната градба.