Скоро сите регистрирани случаи на западнонилска треска во земјава се лоцирани во Скопскиот регион и Велес, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски. Направени се вонредни дезинсекции на терен, а надлежните ги провериле општините дали ги запазиле планираните редовни прскања против комарци.
„Минатата година скоро сите случаи беа во Јужна Македонија, а сега речиси сите се во Скопскиот регион заедно со Велес. Епидемиолошките власти постапија соодветно. Направени се вонредни прскања на 200 метри околу живеалиштата на регистрираните пациенти, а во Драчево, каде што има пет потврдени случаи, извршено е прскање од земја, кое е поефективно од авионското“, изјави Клековски во интервју за ТВ Канал 5.
Министерот посочи дека најголем дел од општините се придржувале кон редоследот за третирање на комарците, но апелираше и до граѓаните за сопствена превенција – користење лична заштита и елиминирање на застојана вода по дворовите и бавчите.
Како се пренесува вирусот?
Клековски објасни дека западнонилската треска со години е присутна во Македонија, а пикот бил во 2019 година. Тој нагласи дека болеста не се пренесува од човек на човек, ниту пак ако комарец касне заразен човек.
„Домаќин на вирусот се дивите птици и тие, заедно со комарците, се единствениот начин на пренос. Поради минатогодишните случаи, како директор на ФЗО решив да издвоиме средства за тестирање на даруваната крв во Институтот за трансфузиологија за да спречиме евентуален пренос преку крв“, појасни тој.
Иако порано најголем дел од случаите биле поврзани со летување во Грција (каде годинава најмногу заразени има во Атика), вирусот веќе не е карактеристичен само за медитеранскиот брег, туку се шири и понатаму на север, гигантски ширејќи се изминатата година и во Романија и Хрватска.
Внимателно при патувањата: Регистрирани случаи на маларија, денга и зика
Здравствениот систем има капацитет да ги дијагностицира сите ретки состојби, но министерот упати апел за одговорно однесување кај граѓаните кои се враќаат од егзотични дестинации.
Во земјава, по две години без регистриран случај, моментално се евидентирани четири случаи на маларија, три на денга и еден на зика вирусот.
„Граѓаните кои по враќањето од тропски дестинации ќе почувствуваат треска и висока температура треба веднаш да се јават на лекар. Кај овие болести брзата реакција ги спречува несаканите последици. Не треба да се опуштаме кога патуваме, особено во зоната на Индискиот Океан, како Занзибар и Малдиви“, предупреди Клековски.