Драматичниот пад на водостојот на реката Дунав, кој во одредени делови достигнува стогодишен минимум, врши силен притисок врз цената на електричната енергија на европските берзи. Како што изјави премиерот Христијан Мицкоски, ситуацијата директно ги загрозува нуклеарните централи и хидропотенцијалот во регионот, но Македонија успеала да изгради механизам со кој го заштитува домашниот енергетски систем.
Според Мицкоски, проблемот настанува затоа што намалениот проток на вода оневозможува редовно ладење и работа на нуклеарните капацитети во Романија, Чешка и Унгарија, како и на хидроелектраните во Србија и Бугарија.
„Вам ви треба базна енергија. Нејзе во најголема мера ја произведуваат нуклеарните централи, кои во овој момент се исклучуваат, поради што цените на берзите се огромни. Обновливите извори, дури и со батериски системи, не можат во целост да ја заменат базната енергија. Сепак, ние како земја успеавме да направиме стратегија и механизам тоа да не се случи кај нас“, истакна Мицкоски.