Дрвјата што паднаа за време на силното невреме во Скопје ќе добијат нова намена. Наместо да завршат како отпад, здравите стебла ќе се искористат за изградба на нов моторички парк на Водно, извести градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Новиот простор ќе биде опремен со природни препреки и реквизити наменети за развој на координацијата, агилноста и физичката подготвеност кај децата, младите и возрасните рекреативци.
„Нашата обврска е од секоја тешка ситуација да создадеме нешто корисно за граѓаните. На местото на паднатите дрвја веќе се засадуваат нови садници, а во втората половина на септември започнуваме и со голема есенска акција за пошумување“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека оваа иницијатива е дел од поширокиот проект за уредување на Водно, кој опфаќа обновување на патеките и урбаната опрема. Воедно, на Водно и Матка веќе е активна и Планинската спасителна служба за зголемување на безбедноста на сите посетители.