Основниот кривичен суд Скопје излезе со официјално соопштение во кое ги појаснува законските и медицинските причини за прекинот на издржувањето на казната затвор за осудениот Бесим Красниќи (Б.К.), како и за последните дејствија по неговото невраќање во затворот „Идризово“.
Од Судот информираат дека по истекот на одобрениот рок и одбивањето на барањето за негово продолжување, за осуденото лице веќе се издадени наредба за приведување и потерница.
Медицинска документација за првичниот прекин на казната
Со Решение од 6 мај 2026 година (ПК.бр.10/26), Судот го уважил барањето за прекин на казната врз основа на член 224 став 2 од Законот за извршување на санкциите. Судот појаснува дека тоа дали одредено лекување може да се спроведе во затворски услови е исклучително медицинско прашање, за кое одлука носат надлежните лекари.
При одлучувањето беа земени предвид:
- Медицински наод: Изготвен од д-р Јулијана Ангелова (ЈЗУ Здравствен дом Скопје – Служба за заштита на осудени лица во КПУ Идризово).
- Стручно мислење: Изготвено од проф. д-р Огнен Костовски, абдоминален хирург, кој препорачал дополницителни дијагностички анализи (гастродуоденографија) и евентуална хируршка „re-do“ процедура.
- Заклучок: Ваквиот вид сложени интервенции ги врши единствено Клиниката за дигестивна хирургија и тие не можеле да бидат реализирани во пенални (затворски) услови.
Одбиена молбата за продолжување на прекинот
По поднесеното ново барање за продолжување на прекинот, Судот на 16 јуни 2026 година го одби барањето на осудениот Бесим Красниќи, оценувајќи дека од доставената медицинска документација не произлегува потреба од понатамошно лекување надвор од затворот подолго од 30 дена.
Жалбата на осудениот била одбиена и од страна на Кривичниот совет на 10 јули 2026 година (Решение КС-КР.бр.923/26), со што решението на судијата за извршување на санкции стана правосилно.
Издадена потерница поради бегство
На 10 јули 2026 година, в.д. директорот на КПУ Идризово, м-р Зоран Јовановски, го известил Судот дека осудениот Бесим Красниќи не се вратил во затворот во утврдениот законски рок.
Во согласност со законските процедури, Основниот кривичен суд Скопје веднаш издаде наредба за негово приведување, како и потерница со оглед на тоа што е утврдено дека лицето се крие или се наоѓа во бегство.