Внукот на исчезнатиот Љупчо, Дарко, со јавна реакција побара одговорност од институциите, тврдејќи дека семејството уште пред неговото исчезнување повеќепати алармирало дека тој има сериозни проблеми со менталното здравје и дека му е потребна стручна помош.
Љупчо е исчезнат веќе десет дена, а неговото семејство и блиските секојдневно се вклучени во потрагата по него.
Дарко во својата објава наведува дека во периодот пред исчезнувањето имало моменти кога неговиот вујко престанувал да ја зема пропишаната терапија, по што, според него, почнувал сè повеќе да се губи и да се однесува непредвидливо.
„Ние како семејство предупредувавме. Го пријавувавме неговото однесување. Пријави имаше и од станарите во неговата зграда. Не го правевме тоа за да му наштетиме, туку токму спротивното – за да му се помогне навреме и да не дојде до трагедија“, пишува Дарко.
Според неговите тврдења, семејството во повеќе наврати барало помош од полицијата. Последниот пат, како што наведува, им било кажано дека треба да обезбедат упат од матичниот лекар за Љупчо да може да биде упатен на болничко лекување.
„Извадивме, приложивме, па потоа одговорот беше дека нема каде поради реновирање во болницата и не можат да го сместат таму на лекување“, наведува Дарко.
Тој тврди и дека при една од последните реакции од полициска станица семејството добило одговор дека „нема што да направат“ доколку Љупчо во тој момент е мирен.
„Денес Љупчо го нема 10 дена. И сега прашуваме: каде беше системот кога баравме помош? Каде беше полицијата кога предупредувавме? Зошто семејството мора само да се организира и да го бара?“, прашува внукот на исчезнатиот.
Според Дарко, семејството во моментов самостојно споделува апели, проверува можни локации, собира информации и се организира во потрагата, но очекува и надлежните институции да ги преземат сите неопходни мерки за негово пронаоѓање.
„Не сакаме ничија трагедија да стане причина утре да се прашуваме што можело да биде направено порано. Се плашиме за неговиот живот и за неговата безбедност. Се плашиме дека може да е во состојба во која не може да си помогне самиот“, наведува Дарко.
Семејството бара сериозна, организирана и итна потрага по Љупчо, но и одговори од надлежните за тоа што било преземено во периодот пред неговото исчезнување.
„Ова нема да го оставиме вака. Ќе одиме до крај. Не само за Љупчо, туку за да не се случи утре истото со некој друг човек чие семејство ќе бара помош, а ќе биде оставено само“, пишува Дарко.
Љупчо е пријавен за исчезнат во СВР Скопје, а од Министерството за внатрешни работи претходно информираа дека се преземаат мерки за негово пронаоѓање.
Семејството повторно апелира до сите граѓани кои го виделе Љупчо или располагаат со каква било информација што може да помогне во потрагата да се јават на телефонскиот број 073-717-090 или во најблиската полициска станица.