Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, реагираше на обвинувањата од СДСМ за справувањето со комарците и ширењето на западно-нилската треска, оценувајќи дека опозицијата повторно се обидува сериозна здравствена тема да ја претвори во дневнополитичка пресметка.
Ѓорѓиевски вели дека западно-нилската треска не е нов вирус и дека не е проблем ограничен само на Скопје или Северна Македонија. Се повикува и на извештајот на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, според кој локално стекнати случаи се регистрирани во повеќе европски земји, меѓу кои и Грција, Србија и Косово.
„На граѓаните им должиме информации и превенција, а не политичка хистерија“, порача Ѓорѓиевски.
Тој ги отфрли тврдењата дека Градот задоцнил со прскањето против комарци и објави хронологија на спроведените активности во 2026 година.
Според него, дезинсекцијата против ларви започнала на 7 мај со авионска дезинсекција, а потоа биле реализирани активности на 11 и 26 јуни, 10 и 23 јули, како и на 11 и 18 август.
Во рамки на дезинсекцијата против возрасни комарци, Ѓорѓиевски ги наведе авионските третмани на 1 и 2 јуни, 27 и 28 јуни и 30 и 31 јули, како и теренските третмани на 18 и 20 јуни, 13 и 15 јули и 4 и 6 август.
Тој посочи дека се закажани и нови третмани – авионски во четврток и петок, а теренски од недела до среда.
Како аргумент во одбрана на динамиката на прскањето, Ѓорѓиевски направи споредба со 2018 година, кога со Град Скопје раководеше СДСМ. Според неговите наводи, тогаш првата терестрична дезинсекција започнала на 3 јули, а првото авионско прскање било реализирано на 7 и 8 јули.
„Во 2026 година, пак, активностите започнаа уште на 7 мај“, напиша градоначалникот.
Ѓорѓиевски нагласи дека активностите, според неговото тврдење, се спроведуваат согласно годишната програма, законските обврски и елаборатот на Центарот за јавно здравје – Скопје, како и препораките од Министерството за здравство и европската регулатива.
„Јавното здравје не се штити со прес-конференции. Не се штити со создавање страв. Не се штити со политички сензации“, порача тој, додавајќи дека заштитата на јавното здравје бара системска работа, континуирана превенција, стручни препораки и навремени активности на терен.
Градоначалникот најави дека Град Скопје ќе продолжи со третманите согласно стручните препораки и утврдената динамика, а јавноста, како што рече, ќе биде навремено информирана за следните активности.
Во реакцијата, Ѓорѓиевски упати и остри политички критики кон СДСМ, обвинувајќи ја партијата дека се обидува да собира политички поени од трагедијата.
Тој ја заврши реакцијата со порака дека здравјето на скопјани е премногу сериозна тема за да биде средство за дневнополитички пресметки.