Македонија

„Сејф Сити“ стартуваше и за странци – чекањето за наплата на казната ги револтираше туристите

„Сејф Сити“ стартуваше и за странци – чекањето за наплата на казната ги револтираше туристите

Километарски колони се создадоа денеска на граничниот премин „Богородица“ кон Грција, откако започна примената на системот „Безбеден град“ и за возила со странски регистарски таблички. На граничните премини се регистрирани дополнителни задржувања бидејќи на возачи со претходно евидентирани сообраќајни прекршоци им се издаваат платни налози пред да ја напуштат земјата.

Според Министерството за внатрешни работи, од денеска е активиран механизмот за постапување со странски возачи кај кои системот „Безбеден град“ регистрирал сообраќаен прекршок на територијата на Македонија.

На Граничниот премин „Табановце“, при излез од државата, возилата кај кои има претходно евидентиран прекршок се издвојуваат од редовната колона. На возачите им се соопштува дека имаат регистриран прекршок и им се издава записник со прекршочен платен налог, по што казната можат да ја подмират согласно законската процедура.

Од МВР велат дека зголемениот број возила на премините е очекуван, особено поради тоа што денеска е прв ден од примената на механизмот и во него се опфатени и прекршоци регистрирани во претходниот период. Министерството презема активности за забрзување на постапката и намалување на времето на чекање.

Целта на системот, според надлежните, е да се обезбеди еднаков и неселективен третман при санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без разлика дали станува збор за домашни или странски возила. Од МВР најавуваат дека примената на „Безбеден град“ постепено ќе биде проширена и на останатите гранични премини.

На „Богородица“, пак, уште од раните утрински часови се создавале долги колони возила во правец кон Грција. За гужвите известувале и српски туристички групи и социјалните мрежи, каде патници се пожалиле на задржувањата при обработката на казните.

Според сведоштва на патници кои поминале низ „Табановце“, возилата за кои системот покажал прекршок биле издвојувани од колоната. Полицајците ги земале документите, а возачите биле упатувани кон посебен шалтер за продолжување на постапката.

Патниците велат дека документите се скенираат, се внесуваат лични податоци и телефонски број, а потоа се бара и електронска адреса на која се испраќа линк со инструкции за плаќање.

Казната може да се плати со платежна картичка преку интернет, по што возачот го покажува доказот за извршеното плаќање на полициските службеници. Потоа документите му се враќаат и може да го продолжи патувањето.

Сепак, првиот ден од примената на новата процедура не поминал без проблеми. Според сведоштва на патници, имало долги редици, ограничен број шалтери за обработка на казните и повеќечасовно чекање. Едно семејство за српската апликација „Грчка инфо“ изјавило дека целата процедура, заедно со преминувањето на границата, траела околу четири часа.

Дополнителен проблем е што во моментов нема јавно достапна онлајн услуга преку која странските возачи би можеле однапред да проверат дали имаат евидентиран прекршок во системот „Безбеден град“ само со внесување на регистарската табличка.

Од МВР зголеменото работно оптоварување го објаснуваат со зголемениот број возила и со обработката на претходно регистрираните прекршоци во првиот ден од примената на механизмот.

На социјалните мрежи реакциите на дел од странските туристи, особено од Србија, беа негативни и најмногу се однесуваа на организацијата и времето на чекање. Дел од нив порачаа дека не го оспоруваат плаќањето на казните, туку начинот на кој се организира нивната наплата.

Некои српски туристи дури најавија дека во иднина ќе ја користат трасата преку Бугарија кон Грција, поради, како што наведуваат, пократкото задржување на границата и подобрата организација.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни