Родителите и годинава ќе добијат олеснување при набавката на училишниот прибор пред почетокот на новата учебна година. Владата најави дека во вторник ќе донесе одлука со која треба да се намалат цените на дел од производите неопходни за учениците.
Мерката ќе ги опфати основните училишни материјали што најчесто се купуваат пред почетокот на учебната година, меѓу кои ранци, тетратки, моливи, гуми, линијари, лепила, маркери, блокови, како и материјали за ликовно и техничко образование.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека мерката „училишна кошничка“ ќе продолжи и оваа година. Тој најави дека одлуката ќе биде донесена на владината седница во вторник.
Дополнителниот трошок за семејствата доаѓа во период кога се обезбедуваат и други форми на поддршка за учениците. Државата обезбедува бесплатни учебници, додека дел од општините обезбедуваат таблети и униформи, а во одредени општини за првачињата се обезбедуваат и ранчиња со училишен прибор.
Со владината мерка се очекува да се намали финансискиот товар за семејствата во периодот пред почетокот на учебната година, кога трошоците за опремување на учениците традиционално се зголемуваат.
Подеталните услови, производите што ќе бидат опфатени и периодот на важење на мерката треба да бидат познати по владината седница во вторник.