Македонија

Нема повеќе возење без контрола: Сите службени возила на Град Скопје под GPS надзор

Нема повеќе возење без контрола: Сите службени возила на Град Скопје под GPS надзор

Секое движење на службените возила на Град Скопје и јавните претпријатија отсега е под постојан надзор преку GPS систем, а градските власти велат дека целта е да се стави крај на непотребното трошење и можните злоупотреби. Возилата се следат преку мониторинг центар, каде во реално време се достапни податоци за нивното движење и потрошувачката.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека GPS уреди се поставени во сите службени возила на Градот и јавните претпријатија. Преку системот може да се следи точната локација на возилото, маршрутата по која се движи, брзината, времето поминато во сообраќај, но и потрошувачката на гориво.

Контролата на горивото дополнително се врши преку специјални сонди, со кои се следи неговото ниво во резервоарите.

Според Ѓорѓиевски, ваквиот систем треба да обезбеди поголема контрола врз користењето на јавните ресурси и да ги намали непотребните трошоци.

„Секое возило, секој километар и секој литар гориво мора да има оправдување“, наведува градоначалникот.

Тој додава дека самиот не го користи службеното возило, туку се превезува со сопствен автомобил, а горивото го плаќа од лични средства. Службеното возило кое претходно било користено од градоначалниците, според него, сега е ставено на располагање за потребите на Град Скопје.

Како пример за резултатите од засилената контрола, Ѓорѓиевски го посочува ЈСП – Скопје. Според податоците што ги објавува, во првите шест месеци од годинава претпријатието заштедило околу половина милион евра за гориво, и тоа во период кога располагало со 50 возила повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Од Град Скопје оценуваат дека заштедите од ваквиот начин на управување можат да обезбедат дополнителни средства за други приоритети, меѓу кои инфраструктурата, парковите, јавниот превоз, училиштата и културата.

Ѓорѓиевски порачува дека контролата врз трошењето на јавните пари треба да започне од градската администрација, нагласувајќи дека вршењето јавна функција подразбира одговорност и рационално користење на ресурсите, а не привилегии.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни