Банките во Македонија во јули регистрирале нов раст на кредитирањето, додека домаќинствата продолжиле да ги зголемуваат своите заштеди. Податоците покажуваат дека кредитната активност расте и кај компаниите и кај граѓаните, а особено забележлив е растот на станбените кредити.
Според најновите податоци на Народната банка, вкупните кредити во јули 2026 година се зголемиле за 0,8 проценти во однос на јуни, додека на годишно ниво растот достигнува 13,3 проценти.
Кај депозитите, пак, е регистриран месечен пад од 0,4 проценти, но на годишна основа вкупните депозити се повисоки за 8,8 проценти, главно поради зголемените заштеди на домаќинствата.
Депозитите на корпоративниот сектор во јули се намалиле за 4,6 проценти на месечно ниво, но во споредба со истиот месец лани се повисоки за 2,9 проценти. Вкупната вредност на депозитите на компаниите достигнала 181,7 милијарди денари.
Спротивно на тоа, домаќинствата продолжиле да штедат. Нивните депозити во јули пораснале за 1,6 проценти на месечно ниво и за 11,1 процент на годишно ниво, достигнувајќи 462,4 милијарди денари.
Компаниите со повеќе кредити
Кредитирањето на корпоративниот сектор продолжило да расте. Кредитите за компаниите во јули биле повисоки за 0,7 проценти во однос на претходниот месец, додека на годишна основа растот изнесува 14,5 проценти.
Вкупната вредност на корпоративните кредити достигнала речиси 296 милијарди денари, при што најголем дел од растот го предводат кредитите во денари.
Растат станбените кредити
И кај домаќинствата е забележан раст на задолжувањето. Вкупните кредити на домаќинствата во јули достигнале 297 милијарди денари, што претставува месечен раст од 0,9 проценти и годишен раст од 12,2 проценти.
Најголем годишен раст има кај станбените кредити. Тие во јули достигнале 119 милијарди денари, што е за 16,6 проценти повеќе во споредба со истиот период лани.
Потрошувачките кредити, пак, достигнале 152,7 милијарди денари. Во однос на јуни се зголемиле за 1,3 процент, а на годишно ниво се повисоки за 12,1 процент.
Кај автомобилските кредити е регистриран благ месечен пад од 0,3 проценти, но на годишно ниво тие се повисоки за 5,6 проценти.
Истовремено, кредитите преку кредитни картички се намалиле за 4 проценти на годишно ниво, додека негативните салда на тековните сметки бележат пад од 5,4 проценти.
Податоците на Народната банка покажуваат дека во јули продолжил трендот на зголемено кредитирање, паралелно со растот на депозитите на домаќинствата и нивните заштеди во банкарскиот систем.