Со тактичко-показна вежба, доделување признанија и презентација на специјализираната опрема, Единицата за брзо распоредување (ЕБР) денеска во Битола го одбележа 25-годишниот јубилеј. На свеченоста пред Офицерскиот дом беше истакнат придонесот на единицата во безбедноста на граѓаните и државата, како и нејзината улога во справувањето со најсложените безбедносни предизвици.
ЕБР е формирана во 2001 година, а во изминатите две и пол децении нејзините припадници се ангажирани во различни сложени полициски операции, обезбедување лица и објекти, поддршка на други полициски единици и ситуации со поголеми нарушувања на јавниот ред и мир.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека ЕБР денес е еден од најважните оперативни сегменти на македонската полиција и еден од столбовите на безбедносниот систем.
„Кога ситуацијата бара брза реакција, високо ниво на подготвеност, дисциплина, координација и професионалност, припадниците на оваа единица се таму каде што се најпотребни“, истакна Тошковски.
Тој посочи дека современите безбедносни предизвици се значително различни од оние со кои полицијата се соочувала пред повеќе од две децении. Според него, организираниот криминал станува сè пософистициран и помобилен, поради што се потребни современа технологија, специјализирана опрема, подобра координација и високообучен кадар.
Тошковски нагласи дека целта е создавање модерна, професионална, добро опремена и мотивирана полиција, способна да одговори на предизвиците на современото време.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот беше реализирана и тактичко-показна вежба, преку која припадниците на ЕБР ги презентираа своите оперативни способности и подготвеност. Посетителите имаа можност да ја разгледаат и специјализираната опрема со која располага единицата.
На свеченоста беа доделени и благодарници и плакети. За најдобар припадник на ЕБР во изминатата година беше прогласен Драган Атанасов, кој доби благодарница за постигнатите резултати.
Плакета му беше врачена и на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
Признанија за придонес во поддршката и унапредувањето на проектите на ЕБР добија и Ристо Ставревски, шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи, Ѓорѓи Божинов, шеф на кабинет на директорот на Бирото за јавна безбедност, и Васко Наумовски, началник на Одделот за специјални полициски операции.
Вкупно 33 припадници на единицата беа наградени со плакети за 25 години поминати во ЕБР.