Македонија

Добро е тоа што немаме загинати или повредени и нема изгорени куќи, состојбата е алармантна, вели Ангелов

Добро е тоа што немаме загинати или повредени и нема изгорени куќи, состојбата е алармантна, вели Ангелов

Вкупно 31 пожар на отворен простор бил регистриран низ Македонија во изминатото деноноќие, заклучно со 7:30 часот утрово. Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), 23 пожари се изгаснати, додека осум сè уште се активни. Најсериозна била состојбата кај прилепското село Бонче, каде што огнот во текот на ноќта се приближил до куќите, како и кај Палиград, каде пламените јазици дошле на околу сто метри од населеното место.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека силниот ветер пред зори го насочил пожарот кај Бонче кон селото, а доброволните пожарникари од Битола и Кочани, кои уште од синоќа биле распоредени на огнената линија, успеале да го спречат неговото ширење кон куќите.

Според Ангелов, во селото има меѓу 50 и 60 куќи распоредени на неколку ридови, а околината е покриена со висока и сува вегетација. Дополнителен проблем претставува тешко пристапниот терен, поради кој претходните обиди за изработка на противпожарни пресеки не дале доволен резултат.

„Околу селото има многу висока вегетација. Иако изминатите денови се обидовме да направиме противпожарни пресеки, поради лошиот терен тоа беше невозможно“,
изјави Ангелов.

Во интервенцијата биле вклучени и професионални пожарникари од Прилеп и Кавадарци, а превентивно на терен била испратена и екипа на Итната медицинска помош од Прилеп. Неколку доброволни пожарникари од Битола вдишале чад за време на интервенцијата. Засега нема информации за потешко повредени лица.

„Огромна благодарност до пожарникарите затоа што ако не беа тие, огнот сигурно ќе преминеше во селото и ќе имавме страшна глетка. Избегната е голема трагедија“,
рече Ангелов.

Критична била состојбата и кај Палиград на планината Китка, каде пожарот се приближил на околу сто метри од последните куќи. На терен биле распоредени скопски пожарникари и екипа на ДЗС со специјално возило „Пинцгауер“, а утринава во гаснењето од воздух се вклучиле сите три „Ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Пожарот на овој простор повеќепати бил ставен под контрола, но повторно се активирал поради високите температури, ветерот и непристапниот терен.

Пожарот зафаќа мешана шума на потегот Моране – Вртекица – Рамни Габер, со крак кон Палиград, како и просторот над селото Вражале, на територијата на општините Студеничани и Зелениково.

Во Општина Студеничани активен е уште еден пожар, од селото Цветово кон стариот пат за Елово, каде што гори ниска вегетација и ниска шума.

Според утринскиот извештај на ЦУК, активни пожари има и во Македонски Брод, во месноста Видуш и кај селата Драгов Дол и Локвица, каде се зафатени ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Во Кичево, кај селото Тајмиште во месноста Дарда, гори високостеблеста букова шума, додека меѓу селата Ломница и Ѓурѓевиште во Општина Врапчиште е активен пожар во мешана шума.

Активен е и пожар кај селото Церово во Општина Маврово и Ростуше, каде што гори ниска вегетација и нискостеблести растенија, како и пожар во Општина Желино, кој зафаќа ниска вегетација и папрат. Според подоцнежната утринска информација од Ангелов, пожарот кај Желино е значително намален и делумно ставен под контрола.

Во изминатите 24 часа пожарникарите успеале да изгаснат 23 пожари во повеќе делови од земјата. Меѓу нив се пожарите кај Белушино и Јакреново во Крушево, Кажани во Битола, депонијата во Делчево, два пожари во Штип, пожарите кај Велешта и Подгорци во Струшко, Вевчани, Никуштак, Стари Лозја во Куманово, како и повеќе пожари во Скопскиот, Струмичкиот и Прилепскиот Регион.

Меѓу изгаснатите е и големиот пожар на потегот Чаниште – Крушевица – Лопатица – Дуње – Црна Река во Прилепско. Во Гостивар, пак, пожар кај селото Теново зафатил ниска вегетација и две стари куќи.

Ангелов предупредува дека опасноста од нови пожари останува исклучително висока поради сувата вегетација и високите температури.

„Добро е тоа што немаме загинати или повредени и нема изгорени куќи. Состојбата е алармантна, високите температури продолжуваат и денеска и во наредните денови. Најави за дожд нема во наредниот период“,
изјави Ангелов, апелирајќи граѓаните да бидат исклучително внимателни.

Според него, вегетацијата е исклучително сува, па доволна е само една искра за да предизвика пожар со сериозни последици.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни