Македонија

Собранието демантира: Не плаќаме приватно здравствено осигурување за пратениците

Собранието демантира: Не плаќаме приватно здравствено осигурување за пратениците

Собранието демантира дека обезбедува или плаќа приватно здравствено осигурување за пратениците и вработените во Собраниската служба, откако во повеќе медиуми беа објавени информации со кои, како што велат од законодавниот дом, се создава погрешен впечаток.

Од прес-службата на Собранието посочуваат дека станува збор за јавна набавка на систематски, односно превентивни здравствени прегледи, а не за приватни полиси за здравствено осигурување.

„Постапката на која се повикуваат медиумските објави се однесува на обезбедување систематски, односно превентивни здравствени прегледи, кои претставуваат законска обврска на работодавачот, а не дополнително или приватно здравствено осигурување“, наведуваат од Собранието.

Оттаму се повикуваат на член 22 од Законот за безбедност и здравје при работа, според кој работодавачот е должен да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку еднаш во 24 месеци. Оваа обврска, како што нагласуваат, важи за работодавачите и во јавниот и во приватниот сектор.

Видот, начинот и обемот на прегледите се уредени со соодветна уредба, а прегледите ги врши овластена здравствена установа од областа на медицината на трудот.

Од Собранието прават јасна разлика меѓу систематски здравствени прегледи и приватно здравствено осигурување.

„Приватното здравствено осигурување подразбира склучување осигурителна полиса со осигурително друштво со која на осигурените лица им се покриваат определени здравствени услуги во согласност со условите на полисата. Собранието нема склучено такво осигурување за пратениците и вработените во Собраниската служба“, се наведува во демантот.

Според Собранието, јавната набавка се однесува исклучиво на конкретни здравствени и превентивни услуги во рамки на систематскиот преглед, кој институцијата како работодавач е законски обврзана да го обезбеди.

Оттаму додаваат дека не станува збор за нова практика или нова привилегија за пратениците и вработените. И во претходните години Собранието спроведувало постапки за набавка на превентивни здравствени прегледи, со цел исполнување на обврските од прописите за безбедност и здравје при работа.

Собранието наведува дека ја почитува слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана за трошењето на буџетските средства, но очекува информациите за неговата работа да бидат пренесени точно и со јасно разграничување меѓу фактите и интерпретациите.

Од институцијата апелираат до медиумите кои ја објавиле спорната информација да го објават демантот и да направат соодветна корекција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни