Пожарот на планината Китка веќе десетина дена создава сериозна опасност за шумските предели и населените места во околината, а според Кире Михаилов, начинот на кој се појавуваат нови жаришта отвора сомнеж дека пожарите се намерно предизвикани.
„Дефинитивно ова што ни се случува на планината Китка е тероризам“, вели Михаилов, кој во објава на социјалните мрежи предупредува на, како што тврди, серија нови потпалувања во близина на постојниот пожар.
Според неговите наводи, пожарот првично започнал на територијата на Општина Студеничани, а потоа се проширил кон Општина Зелениково, зафаќајќи тешко пристапни подрачја. Во исто време, пожарот кој доаѓал од велешкиот регион се движел кон оваа линија, со што се создала дополнително сложена ситуација.
Најголема загриженост предизвикуваат, според Михаилов, новите жаришта кои се појавуваат и откако претходните биле ставени под контрола.
Тој посочува дека во еден случај, откако пожарот во велешкиот регион бил изгаснат, веќе следниот ден повторно се појавило жариште. Подоцна, во близина на постојниот пожар на Китка, биле регистрирани нови точки на кои морале да интервенираат екипите.
Особено индикативен, според Михаилов, е настанот од петокот вечерта. Во период од околу еден час, меѓу 21 и 22 часот, како што наведува, биле регистрирани три нови пожари.
Првиот бил на патот од селото Добрино, кај местото Маларека. Вториот кај Бабин Дол, на патот меѓу Страхојадица и Тисовица, а третиот кај Грнчарица, повторно во атарот на Градовци.
„Тие постојано си палат, а ние постојано и сè уште си гасиме“, наведува Михаилов.
Според него, ваквата динамика не може да биде третирана како обична пожарна ситуација, бидејќи секое ново жариште ги принудува службите повторно да интервенираат и истовремено ја зголемува опасноста за населените места.
„Дефинитивно некој таму сака или да ни изгоре некое село или да отиде што поголема шумска површина, не знам што им е целта“, предупредува Михаилов.
Тој посочува дека и покрај ангажманот на воздухоплови, хеликоптери и екипи на терен, пожарот тешко се става под целосна контрола токму поради постојаното појавување на нови жаришта.
Во меѓувреме, опасноста се префрла од едно населено место кон друго. Според Михаилов, откако опасноста за Рамни Габер била намалена, во последните денови под ризик се наоѓа Палиград.
Наводите за намерно потпалување и квалификацијата дека станува збор за „тероризам“ се став на Михаилов. Дали пожарите се намерно предизвикани, кој стои зад нив и дали постојат елементи на кривично дело, треба да утврдат надлежните институции.
Сепак, бројот и временската блискост на новите жаришта, доколку се потврдат, отвораат сериозни прашања за безбедноста на населението и за можноста некој намерно да ја усложнува борбата со пожарите на Китка.