4NEWS.mk

Додека Андалузија отвора 73 истражувања за минерали, Македонија чека на една инвестиција во бакар

Додека Андалузија отвора 73 истражувања за минерали, Македонија чека на една инвестиција во бакар

Европската трка по критични и стратешки минерали продолжува да се засилува. Во Андалузија моментално се активни 73 геолошки истражувања, со кои се испитуваат можностите за пронаоѓање на 27 минерали од стратешко значење за ЕУ.

Шпанскиот регион веќе е еден од најзначајните рударски центри во Европа. Андалузија генерира околу 90% од вредноста на шпанското метално рударство, со годишно производство на метални руди од над 1,2 милијарди евра и повеќе од 8.000 работни места.

Македонија, од друга страна, нема отворено нов рудник за метални суровини повеќе од 40 години. Во моментов единствениот сериозно најавен проект за ископ на минерал што ЕУ го дефинира како критичен е Иловица–Штука.

Плановите за проектот предвидуваат почетна инвестиција од околу 350 милиони евра, додека инвеститорот очекува значителен ефект врз вработувањето – околу 1.000 директни работни места во изградбата и 500 во оперативната фаза.

Дополнително, според проекциите, работата на рудникот би создала уште околу 2.700 индиректни работни места.

Во услови кога европските региони вложуваат во нови истражувања и го прошируваат сопствениот ресурсен потенцијал, останува прашањето зошто Македонија не успева да го активира сопствениот потврден потенцијал.

Додека кај нас се регистрираат негативни тенденции во рударството, покраинската влада во Андалузија информира дека се проучуваат вкупно педесет минерали, од кои 27 се на листата на критични суровини на ЕУ. Министерот за енергетика, индустрија и иновации, Хорхе Парадела тврди дека Андалузија е клучна рударска сила за иднината на Европа и дека реактивирањето на геолошките истражувања ја покажува посветеноста на властите во Андалузија кон уреден и планиран развој на нејзиното геолошко наследство.

Меѓу рудите коишто се испитуваат се бакарот, магнезиумот, бизмутот и арсенот, кои се неопходни за електрификацијата, електронската, автомобилската, челичната и фармацевтската индустрија. На нив им се придружуваат литиумот, кобалтот и никелот, клучни компоненти во батериите за електрични возила, како и ретките земни елементи, неопходни во ветерниците и електронските уреди. Регионалното министерство соопшти дека тие го усогласуваат регионот со европските политики за критични суровини, за да се намали надворешната зависност на Унијата.

73-те активни дозволи опфаќаат 80 општини и се распределени меѓу осумте провинции. Хуелва води со 38 дозволи, Севиља има дванаесет, Кордоба осум; Алмерија и Хаен по шест, а Кадиз, Гранада и Малага по една дозвола. Како што пишуваат локалните медиуми, оваа распределба ја потврдува важноста на Иберискиот пиритски појас, една од најголемите области во светот со полиметални масивни сулфиди. 

Регионот веќе има два проекта класифицирани како стратешки проекти на Европската Унија и поддржани од Регионалното министерство. Едниот е  „Циркулар-Атлантик Бакар“, кој ја позиционира општината Хуелва на чело на ископот на метали со поддршка од 7,6 милиони евра, а вториот проект е постројка за преработка на бакар „Лас Крусес“, со 3,44 милиони евра помош.

Како што додаваат локалните медиуми, рударството во покраината коегзистира со земјоделството и туризмот и придонесува во економијата како еден од најстабилните извори на приход во регионот, а сегашниот потенцијал лежи во откритието на нови резерви на бакар, литиум и ретки земни елементи. Според анализата, прашањето не е дали има недостаток на минерали, туку колку брзо секое откритие се трансформира во стабилен и еколошки здрав проект. Објавата надедува дека усогласувањето со Директивата за критични материјали на ЕУ, претставува за регионот историска можност за намалување на својата зависност од трети страни и да воспостави сопствена развиена индустрија. 

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни