Почина режисерот и драматург Кирил М. Петрески (1971–2026), информира Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.
Петрески од 2013 година беше дел од колективот на НУЦК „Марко Цепенков“, каде работеше како драматург и режисер. Со својата долгогодишна работа остави значаен белег во развојот на Театарот „Војдан Чернодрински“, но и во македонскиот театар воопшто.
Тој дипломирал театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорот Слободан Унковски, со претставата „Фарса за храбриот Науме“ од Русомир Богдановски.
Во Театарот „Војдан Чернодрински“ режирал повеќе претстави, меѓу кои „Уште една за по пат“ од Харолд Пинтер, „Духот…“ според дела на Војдан Чернодрински и Горан Стефановски, „Сатирикон или големата гозба“ од Петрониј Арбитер, „ММЕ кој прв почна“ од Дејан Дуковски, „Роберто Зуко“ од Бернар-Мари Колтес, „Четвртата сестра“ од Јануш Гловацки, „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, „Маратонците го трчаат почесниот круг“ од Душан Ковачевиќ, „Сонот на Цепенков“ и „Хамлет од Горно Дупени“.
Со претставата „Четвртата сестра“ учествувал на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Покрај прилепскиот театар, Петрески режирал и во други театри во земјава. Во Театар Куманово ги поставил претставите „Варијации: диви пајки“ од Дејвид Мемет и „Не играј на Англичани“ од Владимир Ѓурѓевиќ, која била дел од официјалната програма на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2010 година. Во Народниот театар „Григор Прличев“ во Охрид ја режирал претставата „На дното“, според делото на Максим Горки.
Од Театарот „Војдан Чернодрински“ упатија сочувство до семејството, блиските, колегите и соработниците на Петрески, оценувајќи го неговото прерано заминување како голема загуба за театарот и македонската културна сцена.
„Неговото прерано заминување е голема загуба за Театарот „Војдан Чернодрински“ и за македонскиот театар воопшто“, се наведува во објавата на театарот.