Тежок пожар избувна попладнево во атарот на селото Макази, Општина Ресен, а според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, постојат индиции дека пожарот е намерно подметнат.
Ангелов посочи дека огнот избувнал на најмалку две локации во овоштарници со јаболка, а потоа се појавила подолга огнена линија.
Поради опасноста пожарот да се прошири кон Националниот парк „Пелистер“, Ангелов наредил ангажирање на „Ер тракторите“ на ДЗС, кои веќе дејствуваат од воздух. На терен се испратени и два огнени тима со пинцгауери, како поддршка на пожарникарите од Ресен.
Во гаснењето учествува и механизација на Националниот парк „Пелистер“, со која се прават противпожарни пресеки за да се спречи ширењето на огнот кон шумскиот појас.
Ангелов информираше дека денеска во земјава се регистрирани повеќе од 30 пожари на отворен простор и повторно апелираше до граѓаните на максимална внимателност.
„Работиме пожртвувано, даваме сè од себе, но нашите сили се исцрпени“, порача Ангелов, посочувајќи дека секојдневното гаснење на десетици пожари ги исцрпува и локалните пожарникари и државните ресурси.