По 72 часа непрекината активност на терен и три тешки ноќи поминати на линијата на огнот, пожарот на Пелистер е совладан, соопшти Националниот парк „Пелистер“. Од установата велат дека станувало збор за еден од најкомплексните пожари оваа сезона, кој зафатил шумски предел во кој доминираат црн и бел бор.
Според НП „Пелистер“, сложеноста на теренот и неповолните временски услови претставувале сериозен предизвик за екипите кои непрекинато дејствувале во гаснењето на пожарот.
Успешното справување со огнената стихија, како што наведуваат од Националниот парк, било овозможено благодарение на координираната акција на сите институции и субјекти вклучени во интервенцијата.
Во гаснењето учествувале единици на НП „Пелистер“, Територијалната противпожарна единица од Битола, ТППЕ Ресен, механизација на јавните претпријатија на Општина Битола, ЈП „Стрежево“, огнените сили на Дирекцијата за заштита и спасување, ДПД „Архангел“, ДПД Кочани, како и хеликоптери на Воздухопловниот ВИНГ на Армијата и ер-трактори на ДЗС.
На терен биле присутни и голем број приватни стопанственици и доброволци, кои, според НП „Пелистер“, без прекин биле ангажирани во текот на целото деноноќие.
Од Националниот парк посочуваат дека координацијата на голем број сили на релативно мал простор, во непристапен терен, додека истовремено се одвивале операции на земја и од воздух, претставувала исклучително сериозен предизвик.
Добар дел од ангажираните екипи во акцијата, како што велат од НП „Пелистер“, останале будни и повеќе од 48 часа.
Од установата упатија посебна благодарност до директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, за обезбедената поддршка и координацијата на дополнителните сили.
„Невозможното стана возможно затоа што сите беа непрекинато на терен“, наведуваат од НП „Пелистер“, изразувајќи благодарност до сите кои се вклучиле во гаснењето на пожарот.
Поддршка за справување со пожарот, додаваат од Националниот парк, пристигнувала од повеќе делови на Македонија, а од НП „Пелистер“ изразуваат „неизмерна благодарност“ до сите институции, организации, приватни субјекти и доброволци кои дале свој придонес во акцијата.