Македонија

Јаневска со порака до првачињата: Освен знаење од родителите барајте и братче или сестриче

Јаневска со порака до првачињата: Освен знаење од родителите барајте и братче или сестриче

Со подобрени услови во училиштата, обезбедени учебници и технички помагала, учениците ја започнуваат новата учебна година, информира министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Таа посочи дека во изминатиот период се работело на подобрување на училишната инфраструктура, обезбедување на потребната опрема, но и на намалување на трошоците за родителите преку кошничка со поевтин училиштен прибор.

„Спремни сме за учебната година, учебници има, видливо е дека инфраструктурата се подобрува, дека обезбедуваме технички помагала и сè што е потребно. Имаме кошничка со поевтин училиштен прибор. Им пожелувам на сите многу, многу успех“, изјави Јаневска.

Министерката им посака успешна учебна година на учениците и наставниците, со порака до децата вредно да учат, но и да создаваат нови пријателства.

Јаневска се осврна и на проблемот со намалувањето на бројот на ученици и затворањето на училишта, особено во руралните средини. Според неа, доколку продолжи негативниот демографски тренд, бројот на затворени училишта ќе продолжи да расте.

„Ако продолжиме вака, ние постојано ќе затвораме училишта. Оттука, можеби порака до првачињата: освен да бараат да стекнат знаење, можеби треба да бараат да стекнат братче или сестриче за овие привремено затворени училишта во иднина повторно да ги отвориме“, порача Јаневска.

Таа нагласи дека демографијата е сериозен предизвик и дека е потребно населението да биде свесно за значењето на човечкиот капитал, како за иднината на семејствата, така и за државата.

На прашањето за намалениот број на првачиња, кој годинава е за речиси 3.000 помал во споредба со лани на државно ниво, Јаневска рече дека станува збор за поширок демографски проблем, но посочи дека во образованието се преземаат мерки за подобрување на условите за учење.

Таа потсети дека пред две години биле изработени три сликовници за учениците од прво до трето одделение, под наслов „Јас, мама, тато, дада и бато“, а во училиштата се вложува и во инфраструктура, технологија, наставни програми, наставни помагала и учебници.

„Сè со цел да им е попријатен животот на децата во Македонија. А кога на децата им е убаво, и нивните родители ќе сакаат, претпоставувам, да останат тука и ќе се охрабрат да имаат повеќе дечиња“, рече Јаневска.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни