Македонија

19 пациенти со Западнонилска треска на Инфективна, двајца во тешка состојба

19 пациенти со Западнонилска треска на Инфективна, двајца во тешка состојба

Состојбата на пациентите со западно-нилска треска кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести внимателно се следи, при што дел од пациентите кои биле во тешка состојба покажуваат подобрување. Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 19 пациенти, информираше директорот Фадил Цана.

На одделот за интензивна нега се лекуваат пет пациенти, кои претходно имале тешка клиничка слика. Тројца од нив се екстубирани и кај нив е забележано значително подобрување на здравствената состојба.

Сепак, двајца пациенти и натаму се на респиратор и се во тешка состојба.

„Кај нас во одделот за интензивна нега се пет пациенти, од кои сите беа со тешка клиничка слика. Тројца се екстубирани, кај нив е значително подобрена клиничката слика. Но, тоа е динамичен процес, очекуваме дека брзо ќе бидат опоравени. Засега остануваат на респиратор двајца пациенти кои се доста во тешка здравствена состојба“, изјави Цана.

Тој посочи дека пациентите со потешка клиничка слика се во понапредна возраст и имаат повеќе придружни заболувања. Сите се мажи и се на возраст над 60 години.

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека досега се евидентирани вкупно 55 случаи на западно-нилска треска, од кои 53 се потврдени, додека два случаи не се потврдени.

Од вкупниот број, еден пациент не бил хоспитализиран, додека 52 лица биле примени на болничко лекување. Според Клековски, досегашната смртност изнесува 11,5 отсто.

Просечното времетраење на болничкото лекување е 14 дена, а најкраткиот период до испис бил осум дена. Најголем број хоспитализирани пациенти истовремено бил регистриран на 12 август, кога на Клиниката биле лекувани 24 лица.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни