„Џоче, Струмица ќе те памети“ – порача градоначалникот на Струмица, Петар Јанков во објава посветена на тапанарот од ДНК, Ѓорѓи Ѓоргиев, кој загина во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, потсетувајќи на неговиот талент, но пред сè на неговиот карактер и добрина.
Јанков, кој лично го познавал Ѓорѓи, вели дека споменот на младото момче треба да биде и потсетник на одговорноста на општеството да не се помирува со трагедиите и да не ги прифаќа како нешто што едноставно се случува.
„Да не се помириме со несреќите. Да не прифатиме дека ваквите трагедии се нешто што едноставно се случува. Затоа што зад секој таков настан стојат семејства, стојат нечии соништа“, наведува Јанков.
Тој нагласува дека мора да има правда и одговорност, бидејќи, како што вели, само така споменот на загинатите може да добие смисла.
Јанков со посебна емоција се присетува на Ѓорѓи Ѓоргиев, кого го опишува како исклучително талентирано, паметно и пристојно дете.
„Гордост е за човек да познава исклучително талентирано, паметно и пристојно дете. Џочето е поим за прекрасно дете. Дете кое пленеше со својата добрина, со насмевката и со својот талент“, пишува тој.
Ѓорѓи во Струмица бил познат како одличен тапанар, но за оние што го познавале, неговиот музички талент бил само еден дел од неговата личност.
„Зад тој талент стоеше едно искрено, вредно и прекрасно дете“, посочува Јанков.
Тој упатува и порака дека местото на кое денес се одбележува споменот на Ѓорѓи и на сите жртви треба да остане потсетник дека тие не смеат да бидат заборавени.
„Наша обврска е да направиме сè за ниту едно друго дете да не го загуби животот поради негрижа, неодговорност или недоволна посветеност“, порача Јанков.
Според него, општеството мора да биде посвесно, повнимателно и поодговорно, без да се чека трагедиите да бидат причината за освестување.