Македонија

Хералдичарот Јоновски: Апсолутно немаме хералдички грб, во 1991 година поради страв останавме со социјалистичките симболи

Хералдичарот Јоновски: Апсолутно немаме хералдички грб, во 1991 година поради страв останавме со социјалистичките симболи

Актуелниот грб на Македонија е претставник на таканаречената социјалистичка хералдика која нема ништо заедничко со хералдиката како наука, истакна хералдичарот Јован Јоновски за време на гостувањето во специјалното „Отворено студио“ на 4TV посветено на 35-годишнината од независноста.

Според него, со формирањето на Советскиот Сојуз во 1924 година се создала идеологија за целосно раскинување со минатото, па се вовел нов шаблон со житни култури, фабрики и запчаници за претставување на работничката класа и селанството. Токму од тој корпус произлегува и актуелниот македонски државен грб усвоен по ослободувањето.

Јоновски објасни дека Сонцето и Лавот се двата историски симболи кои со векови се надпреваруваат и се длабоко поврзани со овие простори. Сонцето се среќава уште на пајонските монети од V век пред нашата ера, додека најстарата зачувана илустрација каде лавот се поврзува со Александар Македонски и Македонија датира од 1210 година. Двата симболи подоцна биле присутни и на знамињата за време на Илинденското востание, како и на знамето на Петроградската колонија.

Во однос на процесот за избор на нови државни симболи по осамостојувањето, хералдичарот потсети дека Уставот од 17 ноември 1991 година го остави прашањето отворено за наредните шест месеци, по што следувал јавен конкурс. Во парламентарните расправи се водела жестока борба меѓу поддржувачите на Сонцето и оние кои инсистирале на Лавот. Меѓу предлозите за грбот било и Сонцето од Кутлеш, кое претходно веќе беше поставено на државното знаме.

Поради неможноста да се постигне компромис во Собранието меѓу заговорниците за Сонцето и за Лавот, државата на крајот остана со стариот социјалистички грб. За разлика од поголемиот дел од европските земји кои ги вратија своите традиционални историски штитови, Македонија остана во мала група земји, како Белорусија, кои сѐ уште ги сочуваа житните снопови и запчаниците. Како главна причина за ова, Јоновски посочува недостиг од храброст, отсуство на вистинско водство и постојан страв кај тогашните политичари од тоа „што ќе кажат другите“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни