„Нека живее и здрава Македонија“ – со оваа порака музичарот Трајко Симоновски од бендот на Тоше Проески го честиташе Денот на независноста во отвореното студио на 4 ТВ, говорејќи за човекот со кого со години ја претставуваше Македонија пред публиката ширум светот.
За Симоновски, Тоше Проески не бил само музичка ѕвезда, туку еден од најсилните културни амбасадори што Македонија ги имала.
„Тоше беше најдоброто од Македонија“, вели Симоновски, објаснувајќи дека токму од земјата од која потекнувал Тоше ја црпел инспирацијата за музиката, односот кон публиката и луѓето со кои соработувал.
Тој потсетува дека низ годините со Тоше патувале низ Австралија, Америка и други делови од светот, каде што пејачот успевал да ја освои и публиката која немала никаква поврзаност со Македонија.
„Тој не играше ѕвезда, не се правеше ѕвезда. Тој беше самиот по себе ѕвезда“, вели Симоновски.
Според него, токму неговата едноставност и природност биле дел од тајната на успехот на Тоше. И покрај огромната популарност, пејачот никогаш не заборавал од каде потекнува.
„Никогаш не забораваше да спомне дека е од Македонија, дека најмногу на светот ја сака својата земја“, раскажува Симоновски.
Тој вели дека токму преку Тоше и самиот почнал поинаку да ја гледа Македонија – како земја која може да создаде човек со таков профил, талент и влијание.
Говорејќи за карактерот на Тоше, Симоновски се навраќа на неговата природност. Пејачот, како што вели, никогаш не се однесувал како недостижна јавна личност.
Бил близок со фановите, разговарал со луѓето и не се дистанцирал од оние што го препознавале на улица, на плоштад или во трговски центар.
„Тоа што беше природен 100 отсто од времето“, вели Симоновски.
Но, зад таа природност, според него, стоела силна љубов – кон музиката, кон Македонија и кон верата.
„Беше вљубено битие во музиката, во Македонија, во Господ. Константна вибрација на позитивна енергија, на љубов“, вели тој.
За Симоновски, токму тоа најдобро го опишува Тоше Проески – човек кој, и покрај огромната популарност, останал свој.
На прашањето дали Тоше ја добил потребната почит од македонските граѓани додека бил жив, Симоновски вели дека не во целост.
„Меѓутоа, откако почина, мислам дека сите препознаа што беше тој, всушност, за каков човек станува збор“, вели музичарот.
Според него, дури и критиките кои природно ги има секоја јавна личност исчезнале пред сознанието за големината на човекот и уметникот.
Смртта на Тоше, вели Симоновски, била „еден премногу тажен чин“, но споменот на него останал силен.
Во годината кога Македонија одбележува 35 години независност, приказната за Тоше Проески повторно потсетува дека државата не се претставува само преку политиката и институциите. Понекогаш, нејзиното име најдалеку го носат луѓето кои со својот талент, карактер и однос кон другите покажуваат од каде доаѓаат.
За Трајко Симоновски, Тоше бил токму таков човек – музичар кој можел да биде ѕвезда насекаде, но никогаш не престанал да биде Македонец.