Режисерката Тамара Котевска смета дека македонската филмска сцена во изминатите десетина години бележи значителен напредок, но голем дел од успехот и понатаму се должи на ентузиазмот и индивидуалната посветеност на авторите.
Гостувајќи во специјалното отворено студио на 4ТВ по повод 35 години независност, Котевска истакна дека токму посветените екипи и поединци направиле голема промена во македонската кинематографија.
Таа порача дека државата и институциите треба многу порано да ги препознаваат младите таленти и да им дадат поддршка уште во почетните фази на нивните проекти.
„Мора многу побрзо да ги препознаваме нашите таленти и многу порано да ги поддржуваме, бидејќи само така ќе достигнеме до уште поголеми успеси“, порача Котевска.
Според неа, особено тешко е кога авторите се принудени сами да ги финансираат и реализираат своите идеи, вложувајќи сопствени ресурси, енергија и години работа.
Котевска изрази голема поддршка за младите ентузијасти кои и денес создаваат во Македонија, нагласувајќи дека поголемата доверба во нивниот потенцијал може да донесе уште поголеми резултати.
„Мораме повеќе да веруваме на себе и на индивидуалните таленти“, истакна режисерката.