Македонија

Котевска: Денес предрасудите кон жените режисерки се многу помали

Котевска: Денес предрасудите кон жените режисерки се многу помали

Режисерката Тамара Котевска смета дека положбата на жените во македонската филмска индустрија значително се променила во последната деценија и дека денес половите предрасуди се многу помалку изразени отколку во периодот кога таа студирала.

Во специјалното отворено студио на 4ТВ, Котевска посочи дека во Македонија во последните години има голем број жени режисерки и авторки, што според неа придонело за значителна промена во односот кон жените во филмската уметност.

„Во времето кога студирав, предрасудите беа многу поголеми“, рече Котевска, додавајќи дека денес македонската сцена во голема мера ги следи светските стандарди во однос на поддршката на жените автори.

Сепак, таа смета дека предизвиците не исчезнале целосно. Според неа, проблемот денес повеќе е од финансиска природа, како и во недоволната доверба кон авторите во раната фаза на нивните проекти.

Котевска нагласи дека многу проекти подоцна се покажуваат како сериозно успешни, но на почетокот не добиваат доволно доверба и поддршка.

„Проблемот е повеќе од финансиска природа, од немање доволна доверба во рана фаза на проектите кои подоцна се покажуваат како сериозно успешни“, истакна режисерката.

Таа порача дека треба да има поголема верба во домашните автори и нивните идеи, без разлика дали станува збор за млади режисерки или режисери.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни