Стравот од реакцијата на соседните земји и постојаното одложување на одлуката за избор на нов државен грб беа главните причини за долгогодишниот импас околу државните симболи, истакна хералдичарот Јован Јоновски во „Отворено студио“ на 4TV по повод 35 години независност на Македонија.
Поради тоа, Македонија со години користеше симболи од претходниот систем, без притоа официјално да го утврди новиот грб.
Јоновски открива дека дури и во официјалниот опис на предлогот од тогашната Уставна комисија, фокусот не бил ставен на соодветно хералдичко објаснување на Сонцето, туку на правдање дека избраниот симбол нема никогаш и никого да повреди или налути.
Ваквата дефанзивна поставеност доведе до тоа прашањето за грбот постојано да се одложува под изговор дека „не е вистинскиот момент“.
Последиците од оваа неодлучност беа видливи и во секојдневната пракса. Македонија со години ги издаваше единствените пасоши во светот што немаа државен грб на кориците, бидејќи се очекуваше дека соодветно решение ќе се донесе секој момент.
На крајот, од 1991 па сè до 2009 година, државата продолжи неофицијално да го користи затекнатиот социјалистички грб како наследство од претходниот режим.