Кога Мирослав Грчев во 1995 година започнал да работи на новото македонско знаме, пред него стоела задача што не била само дизајнерска. Требало да се создаде државен симбол кој ќе го замени претходното знаме, но истовремено ќе ја задржи црвената боја и ќе има препознатлив македонски визуелен идентитет.
„Сигурно беше дека ја задржуваме црвената подлога и дека мотивот треба да биде сонце“, раскажува Грчев во „Отвореното студио“ на 4ТВ по повод 35 години Независна Македонија.
Но сонцето е еден од најчесто користените мотиви на државните знамиња. Затоа, авторот направил детална студија на различни графички претстави на сонцето.
„Тие ги сведов практично на 16 основни графички мотиви“, вели тој.
Меѓу предлозите имало решенија што потсетувале на јапонското знаме, на сонцето на Тајван, но и различни варијанти со радијални зраци.
На крајот било избрано решение со осум зраци кои се шират од централниот сончев диск кон рабовите на знамето.
Грчев објаснува дека токму ова решение било избрано затоа што имало силен визуелен ефект.
„Ова сонце имаше најголема сила на зрачење, впечатливост, една моќ која во употреба на знамето е видлива, упаѓа во очи, има своја специфична визуелна енергија“, вели тој.
За него, важен бил и континуитетот со сонцето што се наоѓа на македонскиот грб.
Иако поминале три децении, Грчев не смета дека симболот треба да се заменува.
Напротив, тој предлага негово графичко усовршување.
Според него, постои една техничка слабост во сегашната изведба – начинот на кој зраците се одвоени од централниот диск.
„Јас сакам елегантно да се стеснат до самиот диск и тоа да биде графички поуредено“, вели авторот.
За Грчев, државните симболи не се статични. Земјите ги обновуваат и графички ги усовршуваат своите знамиња и грбови, а тоа, според него, не значи дека мора да се напушти нивниот основен мотив.
Македонското знаме, вели тој, може да остане истото знаме – но со подобра графичка обработка.