Македонија

Сеопфатното сексуално образование оди на ревизија, МОН го повлече предметот

Сеопфатното сексуално образование оди на ревизија, МОН го повлече предметот

Средношколците нема да го изучуваат изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“, откако Министерството за образование и наука одлучи привремено да ја повлече наставната програма и да направи детална ревизија.

Одлуката ја соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска, по реакциите во јавноста околу воведувањето на предметот како изборен за учениците од прва до четврта година во средното образование.

Јаневска посочи дека програмата ќе биде детално разгледана, а Бирото за развој на образованието ќе треба да ја анализира содржината „збор по збор“, со цел да се утврди дали во неа има делови за кои постојат оправдани забелешки.

„Ние ги повлековме во овој момент програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста, да видиме дали навистина во програмата има нешто за што би можело да има забелешки“, изјави Јаневска.

Таа објасни дека во наставната програма биле опфатени теми поврзани со семејството, заштитата од сексуално преносливи болести, превенцијата од несакана бременост, рамноправноста и недискриминацијата.

Министерката нагласи дека лично ќе се ангажира во процесот на ревизија, заедно со Бирото за развој на образованието, со цел да се утврди што точно предизвикува реакции во јавноста.

Во исто време, Јаневска посочи дека постојат научни докази според кои сексуалното образование е корисно за младите на средношколска возраст, особено во период кога се соочуваат со темите што се опфатени со ваквите програми.

Таа нагласи дека предметот бил изборен и не бил задолжителен за сите ученици, туку можеле да го изберат средношколци од прва до четврта година кои имаат интерес да го изучуваат.

„Меѓутоа, должност на министерот за образование и наука е да ги слушне сите што имаат какви било коментари за образовниот систем“, додаде Јаневска.

Според најавите, по деталната ревизија ќе треба да се утврди дали и во каква форма програмата ќе биде повторно понудена во средното образование.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни