Хрватската полиција уапсила 66-годишен македонски државјанин на аеродромот „Фрањо Туџман“ во Загреб, поради сомнение дека сексуално злоставувал 15-годишно девојче кое патувало само со авион, објавија хрватските медиуми.
Случајот бил пријавен за време на летот, откако малолетничката ѝ се обратила на стјуардеса и преку порака на телефонот побарала помош. Таа напишала дека се плаши од патникот кој седел до неа.
Членката на кабинскиот екипаж реагирала веднаш и под изговор дека ќе ѝ покаже на девојката каде се наоѓа тоалетот, ја одвела во пилотската кабина, со што ја оддалечила од осомничениот.
Според пријавата, девојчето навело дека мажот почнал да ја допира по интимните делови од телото за време на подготовките за полетување, при што тврдел дека ѝ помага да го врзе сигурносниот појас.
За случајот бил известен и екипажот, кој ја информирал контролата на летање. По слетувањето во Загреб, полицијата го уапсила 66-годишникот и му го спречила продолжувањето на патувањето.
По спроведената истрага, осомничениот бил предаден на надлежното Општинско државно обвинителство, а потоа изведен пред суд. На крајот, судот му одредил притвор во затворот во Реметинец.