Македонија

Ангелов: Премногу исечена вегетација го отежнуваше гаснењето кај Селци и Локов

Ангелов: Премногу исечена вегетација го отежнуваше гаснењето кај Селци и Локов

Гаснењето на пожарот во реонот на Селци и Локов било особено отежнато поради големото количество сува и исечена вегетација на теренот. Жариштето сега е ставено под контрола, а активна останала само кратка линија, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

На теренот со денови интервенирале екипи на ДЗС, меѓу кои и огнен тим составен од доброволни пожарникари од Битола. Според Ангелов, сувите гранки, лисјата, трњето и пресечените дрвја создале дополнителна горлива маса и значително го отежнале пристапот и гаснењето.

– Овде огнениот тим на ДЗС, составен од доброволци од Битола, се измачи, бидејќи има премногу исечена вегетација – рече Ангелов.

ДЗС дополнително ќе проверува поради што на теренот имало толку големо количество исечена вегетација. Дел од дрвјата останале на земја и во меѓувреме се исушиле, што придонело за ширење и одржување на огнот.

Во гаснењето биле ангажирани и воздухоплови. Според Ангелов, интервенирале ертрактори и хеликоптер, но сувата вегетација дополнително ја отежнувала интервенцијата.

– Со овој пожар се измачивме и, како што веќе реков, сè уште има еден активен дел, но тој не претставува закана за околните населени места, ниту пак гори квалитетна шума – рече Ангелов.

Три ертрактори над Рамно

Активно жариште останало и кај Рамно, каде ДЗС интервенира со сите три ертрактори. Ангелов очекува пожарот целосно да биде изгаснат.

– Во овој момент немаме алармантни пожари, сите пожари се ставени под контрола, но сè уште е активен пожарот на Рамно, на само една локација. Врз него денес дејствуваме со трите ертрактори и очекуваме да биде целосно изгаснат – рече Ангелов.

Под контрола е и пожарот кај Белица, во насока кон ловиштето „Јасен“. Според Ангелов, огнот не претставува опасност за ловиштето, а се движи ниско по земјата. Екипите работат на тоа да не го премине сртот.

– Добро е тоа што не горат борови и дрвја, односно пожарот се одвива ниско по земјата – рече Ангелов.

Опасноста од пожари сè уште постои

Ангелов предупреди дека сезоната на пожари на отворен простор сè уште не е завршена. Само во текот на вчерашниот ден во земјава биле регистрирани повеќе од 30 пожари.

– За жал, сезоната на пожари на отворен простор сè уште не е завршена. Вчера повторно имавме над 30 пожари – рече Ангелов.

Врнежите што се очекуваат во западните делови од земјата веќе помогнале на неколку локации, а најзначајно придонеле за догасувањето на пожарот над Вруток.

Сепак, Ангелов предупреди дека состојбата може да се промени и во текот на денот и упати апел до граѓаните да бидат внимателни.

ДЗС ги очекува најавените пообилни врнежи во сабота и недела. Доколку прогнозите на УХМР се остварат, Ангелов очекува тие да придонесат за завршување на долгата сезона на пожари.

– Нестрпливо ги очекуваме. Доколку нивните прогнози се остварат, тогаш би требало да дојде и крајот на оваа сезона на пожари – рече Ангелов.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни