Дванаесет возачи во изминатото деноноќие завршија во полициска станица поради безобѕирно управување возило. Од нив, 11 возеле без положен возачки испит, додека еден бил фатен зад воланот под дејство на алкохол.
МВР информира дека полициските службеници ги лишиле од слобода возачите на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ според член 297-а од Кривичниот законик.
Меѓу приведените се С.И. (24), Ф.Б. (24), Б.М. (21), Д.С. (20) и С.Р. (36) од Скопје, С.Ф. (30) од Зелениково, Џ.У. (34) од село во општина Чашка, О.Ф. (41) од Крушевско, како и Ф.В. (24) и Д.М. (31) од Куманово и Кумановско. Тие управувале возила без положен возачки испит.
Дополнително, С.А. (34) од Кичевско бил лишен од слобода бидејќи управувал возило без возачка дозвола, а при тоа возел со брзина од 100 километри на час на делница каде што максимално дозволената брзина била 40 километри на час.
Полицијата го лишила од слобода и А.С. (37) од село во општина Илинден, кој бил затекнат како управува возило под дејство на алкохол.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од полицијата повторно апелираат до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и да не седнуваат зад волан без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.