Западнонилската треска може да остави долготрајни невролошки последици, а процесот на целосно закрепнување кај пациентите со потешка форма може да трае со месеци, па дури и со години. Ова го истакна директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, во гостувањето во емисијата „Вести плус“ на Канал 5, појаснувајќи дека за овој вирус сè уште не постои специфичен лек ниту кај нас, ниту во светот.
Според д-р Цана, третманот на клиниката е исклучиво супортивен, односно се третираат симптомите и евентуалните компликации, додека клучен акцент се става на рехабилитацијата откако ќе помине критичната фаза.
„Досега ниту кај нас, ниту никаде во светот нема специфичен лек за западнонилската треска. Процесот на лекување е супортивен, се поддржува пациентот и се реагира доколку има компликации. По завршување на акутната фаза, голем акцент се става на рехабилитацијата. Доколку кај пациентот перзистираат тегоби, тоа не значи дека тој сè уште има активна инфекција, туку станува збор за секвели од акутната фаза кои бараат прегледи кај невролог и физикална рехабилитација. Тој процес кај најтешките форми може да трае со недели, месеци, па дури и со години“, нагласи д-р Цана.
Директорот на Инфективна децидно појасни дека граѓаните не треба да ги стигматизираат прележаните, бидејќи вирусот не се пренесува од човек на човек и овие пациенти не се заразни за околината, дури ни за време на акутната фаза.
- Симптоми што перзистираат: Најновите меѓународни студии и податоците од Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) покажуваат дека изразената слабост, малаксаноста и одредени когнитивни пречки остануваат присутни долго по испишувањето од болница.
- Ризични групи: Најтешките форми на болеста, односно воспаление на мозокот и мозочните обвивки (менингитис и енцефалитис), се јавуваат кај лица на повозрасна возраст и кај оние со претходни хронични заболувања.
- Пост-болнички третман: По исписот од клиниката, задолжителни се редовни контроли кај инфектолог по две до три недели, а при перзистирање на невролошки тегоби, неопходно е долготрајно следење од невролози за враќање на функционалноста.
Д-р Цана заклучи дека иако вирусот е мал, последиците од него можат да бидат сериозни, па затоа превенцијата, заштитата од убоди од комарци и почитувањето на институционалните мерки остануваат единствената сигурна заштита.