Платото околу базенот „Борис Трајковски“ е една од локациите што се разгледуваат за изградба на новиот клинички центар, а Владата во моментов анализира две можности – објектот да биде поставен пред или зад базенот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска посочи дека за двете опции се разговара и дека наскоро треба да биде донесена конечна одлука.
„Тоа се двете можности за кои размислуваме и преговараме. Многу бргу ќе имаме конечно решение, а како сето тоа ќе биде интегрирано, допрва ќе носиме одлука“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реновираната зграда на Клиниката за неврофизиологија.
Премиерот најави и дека наскоро ќе бидат објавени повеќе детали во врска со ГОБ „8 Септември“.
Во однос на еврообврзницата, Мицкоски рече дека таа се очекува да биде објавена на почетокот на следната година, во периодот март-април.
„Дали ќе биде во два купона или еден, ќе видиме, во зависност од информацијата што ќе ни ја дадат брокерите што ќе бидат ангажирани од државата за изнаоѓање инвеститори, условите што ќе ги понудат и интересот на пазарот“, рече Мицкоски.