Македонија

Пензионерите бараат сите да добиваат исто зголемување

Пензионерите бараат сите да добиваат исто зголемување

Иницијативниот одбор за линеарно зголемување на пензиите денеска ќе побара од министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, со закон да се овозможи идните зголемувања на пензиите да бидат линеарни.

Наместо процентуално усогласување, пензионерите бараат средствата за зголемување да се распределуваат така што сите пензионери ќе добијат ист износ во денари, без оглед на висината на пензијата.

Од Иницијативниот одбор велат дека разликите во висината на пензиите се веќе определени при нивното пресметување, според работниот стаж, образованието, работното место и други критериуми.

Претседателот на Иницијативниот одбор на пензионерите од Охрид и Дебрца, Кирил Јосифовски, смета дека по заминувањето во пензија, сите се соочуваат со исти трошоци за живот.

„Главните параметри за формирање на пензијата, како работниот стаж, школската спрема и работното место, се опфатени и вградени во решението за соодветната пензија. Врз основа на тие критериуми има пониски, средни и повисоки пензии. Но, по одењето во пензија, никој пензионер не одвојува и не вложува ништо понатаму – сите пензионери сме еднакви“, вели Јосифовски.

Одборот бара линеарното зголемување да биде законски регулирано и да се применува уште при следното мартовско усогласување.

Според нивниот предлог, процентот на усогласување може да се определува врз основа на растот на трошоците за живот, но средствата што ќе бидат издвоени од буџетот треба рамномерно да се распределат меѓу сите пензионери.

Трајче Станојков од Свети Николе вели дека пензионерите не се против процентуалното усогласување, туку против тоа што истиот процент резултира со различни износи на зголемување.

„Не може 3 отсто да му се даде на оној што има 90 илјади денари пензија и да го наградиме со 3.000 денари, а да го казниме оној што едвај дошол до 18 или 20 илјади денари пензија и само за 600 денари да му се усогласи со животниот трошок“, вели Станојков.

Од Иницијативниот одбор воедно побараа оставка од претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Станка Трајковска, поради нејзиниот став против линеарното зголемување.

По две години во кои пензионерите добиваа зголемување во ист износ, од септември повторно се применува процентуално усогласување според движењето на платите и трошоците за живот.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека септемвриското усогласување ќе се спроведе согласно законскиот механизам, додека конечниот процент на зголемување сè уште се пресметува.

Пензиите законски се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и 1 септември. Кај процентуалното усогласување, износот на зголемувањето зависи од висината на пензијата, па пензионерите со повисоки пензии добиваат и поголемо зголемување во денари.

Септемвриското усогласување се однесува на пензиите за септември, кои ќе бидат исплатени во октомври.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни