Жестока вербална пресметка меѓу опозицијата и власта го одбележа почетокот на пратеничките прашања на 122. собраниска седница. Пратеничката од редовите на СДСМ, Сања Лукаревска, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, влегоа во директен клинч за проблемите со стартот на новата учебна година, градежните зафати во скопското училиште „Киро Глигоров“, но и за изјавите околу пренамената на затворените училишта во старски домови.
Лукаревска од собраниската говорница реагираше дека едно од најреномираните и најнови училишта во центарот на Скопје, ООУ „Киро Глигоров“, наместо подготвено да ги пречека учениците, учебната година ја започнало како градилиште полно со прашина, поради што дел од учениците мораа да следат настава од далечина.
„Како можевте да дозволите учениците во едно од најбројните училишта во земјата да ја започнат учебната година без обезбедена редовна настава со физичко присуство? Договорот меѓу МОН и Општина Центар за адаптација на зградата е потпишан уште на 18 февруари, а вие дури во август се будите и започнувате градежни активности. Кој ќе понесе одговорност за овој преседан?“, запраша Лукаревска, додавајќи дека ваквиот пристап отвора сериозен сомнеж за немарност во образовниот ресор.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ги отфрли обвинувањата и порача дека опозицијата се обидува да собира политички поени преку популизам. Таа појасни дека зафатите се прават исклучиво во корист на децата со цел да се обезбедат услови за едносменска настава, што според домашните и меѓународните експерти носи значително подобри образовни резултати.
„За да се доградува едно училиште, неопходна е соработка со општината. Проектот во архива беше предаден на 18 мај, цел месец не беше прикачен во системот, а откако се постави, поминаа уште 40 дена за одобрување. Барањето е одобрено дури на 28 јули. Децата следат онлајн настава само привремено, додека не се создадат подобри услови, и наскоро сите ќе се вратат во училниците со физичко присуство. Кога не градиме – зошто не градиме, кога градиме – зошто градиме? Ве молам тргнете ги рацете од образованието“, возврати министерката Јаневска.
Расправата дополнително се заостри откако Лукаревска потсети на претходна медиумска изјава на министерката околу затворањето на подрачните училишта и праша дали сè уште стои зад ставот дека тие објекти треба да станат старски домови. Лукаревска изнесе статистика дека само годинава има над 3.000 помалку првачиња, 26 затворени училишта и укинати паралелки, оценувајќи дека ваквата реторика значи признавање на погубните демографски состојби.
Јаневска децидно одговори дека стои зад секој свој збор и нагласи дека пренамената на празните училишни згради не ја диктира министерството, туку се спроведува на барање на локалните власти. Како конкретен пример посочи одлука на Владата донесена токму на барање на градоначалник од редовите на СДСМ, за пренамена на напуштено училиште и ученички дом во дом за стари лица.
„Јас не им кажувам на градоначалниците што да прават со зградите кои останале празни – тие објекти се под нивна ингеренција. Целата земјина топка старее, демографскиот пад не е проблем само на оваа власт. Оптимизацијата мора да се спроведе за да го подигнеме квалитетот на наставата, бидејќи анализите на Светска банка и УНИЦЕФ одамна посочуваат на дисбаланс меѓу бројот на паралелки и ученици. Ниту еден наставник не остана без работа, но ние мораме да создадеме ефикасен систем наместо да ги туркаме проблемите под тепих“, заклучи Јаневска.
Лукаревска реплицираше дека не е задоволна од одговорите, обвинувајќи дека власта нема јасна стратегија за справување со демографската криза и дека со ваквите чекори дополнително се продлабочува незадоволството кај родителите и наставниците.