Македонија

Превозниците се откажаа од протестот на 14 септември, чекаат решение од ЕУ

Превозниците се откажаа од протестот на 14 септември, чекаат решение од ЕУ

Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора нема да ги затворат граничните премини кон Европската Унија на 14 септември, како што беше најавено претходно. Одлуката следува по средбата со претставници на дел од земјите членки на Шенген-зоната, одржана преку Мисијата на Европската Унија со седиште во Белград.

Информацијата денеска ја објави Асоцијацијата „Макам-транс“, од каде што велат дека превозниците од регионот одлучиле привремено да ги стават вон сила подготовките за протестот.

„На овој начин покажавме добра волја и разбирање за проблемите кои би настанале со прекинување на синџирот на снабдување на стока меѓу Западен Балкан и ЕУ и искажавме доверба на ветувањето дека ќе се забрза процесот за изнаоѓање на соодветно решение за професионалните возачи и нивниот престој во Шенген Зоната подолг од 90/180 дена до изгласување на новата визна стратегија во втората половина на 2027 година“, велат од „Макам-транс“.

Оттаму додаваат дека сите подготовки за спроведување на протестот се ставени вон сила на одреден период.

Превозниците од четирите земји на Западен Балкан на 1 септември одржаа предупредувачки протест, со кој побараа решение за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Тие бараат професионалните возачи да добијат соодветно решение со кое би можеле да престојуваат во земјите од Шенген подолго од ограничувањето од 90 дена во период од 180 дена.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни